Преглед на годината: Најважни активности на Комората од 2024 година
Крајот на секоја година претставува и период кога треба да се направи ретроспектива и рекапитулар на она што се случувало во изминатите 12 месеци, со цел соодветно да се трасираат нови патишта. Во текстот подолу објавуваме пресек на најважните активности на Комората во 2024 година.
Реализирани законски измени на иницијатива на Комората
- Измени на Законот за здравствена заштита со што се создаде можност докторите кои работат во мрежата на здравствени установи да останат во редовен работен однос до навршување на возраст од 67 години во поедноставена постапка, без за тоа да мора да добијат децидна согласност од директорот на здравствената установа и од Министерството за здравство. Со ова, сите доктори добиваат рамноправни можности и се исклучува субјективноста во одлучувањето за продолжување на работниот однос.
Соработка со Министерство за здравство и ФЗОРСМ
Годинава раководството на Комората оствари една средби со Фондот за здравствено осигурување на Република Северна Македонија и една средба со Министерство за здравство.
На средбата со министер за здравство д-р Арбен Таравари беше укажано на местото и улогата на Лекарската комора при креирањето на подобар здравствен систем кој ќе обезбеди подобри услови за работа на лекарите и за лекување на пациентите. Беа истакнати неколку приоритетни барања:
- Eлектронско водење на севкупната медицинска документација и укинување на хартиениот картон, односно матичните лекари да водат само електронски картон, како и укинување на праксата да се печатат упатите, специјалистичките мислења и другите документи што ги креираме во „Мој термин“ при прегледот на пациентот.
- Запазување на начинот на упатување на пациентите во здравствениот систем, односно дијагностичките процедури и постапките за лекување што може да се направат на примарно или на секундарно ниво да се завршуваат таму и пациентите да не се препраќаат на терцијарно ниво.
- Инклузивен процес за проширувањето на Позитивната листа на лекови со вклучување на лекарите, преку стручните здруженија, бидејќи тие се најстручни за да кажат кои лекови се приоритетни за лекување на пациентите. Оваа активност веќе почна да се реализира.
Во октомври годинава, беше реализирана средба со директорите на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски и Бранко Аџигогов, на која се разговараше за приоритетните реформи што сметаме дека треба да бидат направени со цел креирање на подобри услови за работа на докторите и лекување на пациентите.
Во делот на примарната здравствена заштита беше побарано:
- Укинување на дестимулативната скала, бидејќи нејзиното постоење во услови кога нема доволно здравствен кадар и осигуреници не дава позитивни резултати. Со цел, реално вреднување на трудот на постоечкиот кадар и негово задржување во системот се побара до 4.000 бода да се исплаќа 100% капитација за сите пациенти.
- Промени во превентивните програми, за да може тие да одговорат на современите трендови на болестите. Во интерес на обезбедување на достапност на здравствената заштита на пациентите од руралните области е неопходно да се воспостави систем за одржливо постоење на руралните амбуланти.
- За матичните лекари се побара и воспоставување на систем што ќе гарантира усогласување на вредноста на капитацискиот бод со порастот на трошоците за живот и инфлацијата. Оваа активност почна да се реализира.
Во однос на промените на секундарно и терцијарно ниво што треба да се направат, а се во надлежност на Фондот, се истакнаа три приоритети:
- Право, да се стабилизира функцијата на секундарното ниво на здравствениот систем кое во моментот не се користи доволно од страна на пациентите, бидејќи се случува тие да се упатуваат директно на терцијарно ниво за време на дежурство без упат или со приоритетен упат.
- Второ, да се воспостави систем во кој парите ќе го следат пациентот во текот на лекувањето со што сите здравствени установи, особено болниците низ државата, ќе бидат стимулирани да даваат повеќе здравствени услуги, а не да ги проследуваат пациентите на терцијарно ниво.
- Трето, беше истакната и потребата да се ревидираат цените на здравствените услуги што ги плаќа Фондот за здравствено осигурување бидејќи воопшто не кореспондираат со реалните трошоци, ниту пак создаваат услови за унапредување и модернизирање на здравствените услуги.
Со Фондот се воспостави и уште една соработка во рамките на која Комората доби официјална покана активно да се вклучува во процесот на промени на Позитивната листа на лекови. Цел на Комората е да ги канализира и пренесе до Фондот за здравствено осигурување, стручните мислења на докторите преку соработка со стручните здруженија, бидејќи докторите се најстручни и најдобро може да кажат кои лекови се потребни за пациентите. Се одржа и иницијативен состанок со претставници на здруженијата за да се дефинира начинот на кој ќе се реализира оваа активност.
Активности поврзани со овластувањата на Комората што произлегуваат од Законот за здравствена заштита
- Организирање на 11 испитни сесии за полагање стручен испит за докторите на медицина. За овие сесии пристигнаа 454 пријави за полагање стручен испит, а заклучно со ноемвриската испитна сесија испитот го положиле 442 доктори.
- Организација на промените во начинот на полагање на стручниот испит. Се обнови испитната база, се преведоа испитните прашања на албански јазик и се реновираше соодветен простор за оваа намена.
- Во однос на надлежноста на Комората за акредитација на настани од континуираната медицинска едукација од октомври 2023 до ноември 2024, беа разгледани 199 барања за акредитација на настани, а одобрени 194 барања.
- 460 доктори за првпат се стекнале со лиценца за работа, a 257 доктори обновиле лиценца за ПЗЗ. Со специјалистичка лиценца за работа за првпат се стекнале 209 лекари, а специјалистички лиценци обновиле 262. 14 лекари специјалистичките лиценци ги замениле во супспецијалистички.
- Времени лиценци за постари специјализанти се издадени на 6 доктори. Издадени се вкупно 36 лиценци за едукативни цели. Престанала важност на 122 лиценци, а две лиценци се одземени по правосилна судска пресуда. Едната лиценца е одземена времено, а другата трајно.
- Комисија за стручен надзор, по иницијатива на надлежни институции и други засегнати страни, спроведе 66 вонредни стручни надзори.
Меѓународна соработка
- Претставници на Комората учествуваат на Генералното собрание и сесиите организирани од Постојаниот комитет на европски доктори (ЦПМЕ) што се одржува од 7-9 11.2024 година во Амстердам, Холандија, каде се презентираше националниот извештај за активностите на македонската Лекарска комора, на сесија во која се презентираа и извештаи од лекарските комори од другите држави. Во рамките на настанот се одржуваа повеќе конференции на различни актуелни теми меѓу кои дигитализација, поставеност на здравствените системи, јавното здравје и превенцијата на болести, медицинска етика и други. Комората, исто така, зема активно учество во кампања што на глобално ниво ја води Постојаниот комитет за унапредување на положбата на лекарите во Европа, за што беше подготвена видеоизјава од помлад доктор кој ги сподели своите видувања за околностите во кои работи и перспективите кои постојат.
- Годинава, Комората учествуваше и на 31-от Симпозиум на лекарски комори на земјите од Централна и Источна Европа (ЗЕВА) што се одржа од 5-7 септември во Приштина, Косово, каде презентиравме национални извештаи на повеќе теми меѓу кои и улогата на лекарските комори во обуката на специјалистите и супспецијалистите, условите за релиценцирање и работа на докторите по пензионирањето, миграцијата на докторите и синдромот на “прегореност” кај здравствените работници. Во дискусијата беше утврдено дека е потребно зајакнување на улогата на коморите во однос на нивната вклученост во процесот на доделување и организирање на специјализациите и супспецијализациите. Следниот ЗЕВА Симпозиум планиран за септември 2025 година ќе се одржи во Скопје.
- Комората зема активно учество и на меѓународна работилница организирана од Здравствената мрежа на Југоисточна Европа што се одржа на 4-5 јуни оваа година во Кишинев, Молдавија. Беа презентирани активностите на Комора за процесот за лиценцирање на докторите. Споредено со другите земји од регионот на Југоисточна Европа, во нашата земја системот за лиценцирање е воспоставен на високо ниво. Тој е одлично организиран, со соодветна правна рамка. Донесени се и соодветни, законски и подзаконски акти, како и правилници кои ги регулираат процедурите и постапките за издавање на лиценци кои ги спроведува Комората.
- Активно учество Комората имаше и на Генерално собрание на Постојаниот комитет на европски лекари (ЦПМЕ) што се одржа на 22 и 23 март 2024 година во Љубљана, Словенија. Во повеќе сесии се елаборираа и дискутираа актуелни теми коишто ги засегаат докторите и здравствените системи ширум Европа. Во фокусот на настаните и сесиите беше значењето на зачувување на независноста на лекарската професија, за што беше усвоена и заедничка изјава од сите учесници. Во делот посветен на независноста на докторската професија се истакна дека се зголемени предизвиците со кои се соочуваат медицинските професионалци низ цела Европа во обидот да ја зачуваат автономијата во одлучувањето и работењето.
Свечено одбележани 32 години од основањето на ЛКРСМ
Лекарската комора на Република Северна Македонија одбележа 32 година од постоењето како самостојна и професионална организација на сите доктори на медицина во нашата земја на свеченост организирана во Куќата на уметноста во село Кнежино, Кичевско, на која присуствуваа членовите на органите и телата на Комората и високи претставници на државни институции. На свеченоста беа доделени годишните награди и признанија.
Други активности и средби
- Се алармираше за проблемот со насилството врз здравствените работници. По повод одбележување на Европски ден за подигнување на свеста против насилството врз здравствените работници 12 Март, беше направена кампања преку која се побараа системски решенија за негово сузбивање. Беа подготвени видеоматеријали со конкретни насоки за тоа како докторите да постапат доколку се соочат со вербално или физичко насилство на работното место. Исто така, на веб - страницата на Комората се постави посебен дел каде докторите може да ги пријавуваат случаите на напад.
- Се работеше и на унапредување на спроведувањето на надлежностите на Комората. Од јуни годинава се модернизираше начинот на полагање на стручниот испит. Писмениот дел од испитот се полага на компјутер, преку посебен програм што генерира тест со испитни прашања и понудени одговори на македонски или албански јазик, по избор на кандидатот. На интернет страницата на Лекарска комора е достапна обновена база на испитни прашања, со што докторите добиваат подобра поддршка за подготовка за полагање на стручен испит. За реализација на оваа активности се набавија поголем број компјутери и се изработи посебен компјутерски програм. Исто така, се реновираше и адаптираше соодветен простор во Комората, што изгледа репрезентативно и кој ќе биде во функција на многу идни генерации на доктори. Во еден дел од Комората се направи и библиотека со стручна литература каде ќе бидат поставени и компјутери преку кои за докторите ќе се обезбеди бесплатен пристап до истражувачките бази, со цел да дадеме поддршка на нивната стручна и научна активност.
- Во духот на дигитализацијата и модернизацијата, од оваа година почна и процес на електронска регистрација на присуството на докторите на настаните од континуираната медицинска едукација. Тоа се прави со членските картички што докторите ги добиваат кога ќе се стекнат со лиценца за работа. Се набавија читачи за картичките, како и посебен софтвер преку кој податоците од читачите се инпортираат во компјутерскиот систем каде се води евиденцијата. На овој начин може побрзо и поефикасно да се регистрира присуството на докторите на настаните од континуираната медицинска едукација и стекнати поени и да се сведе на минимум манипулацијата со печатени сертификати.
- На иницијатива на Лекарска комора, истакнати претставници на научни, образовни и стручни организации потпишаа Декларација за промоција и поддршка на вакцинацијата. Ова се направи со цел стручната јавност да испрати јасна и обединета порака до граѓаните за важноста на вакцинацијата како научно докажана и најефикасна мерка за спречување на ширење на заразни болести, целосно безбедна и сигурна.
- Со цел да се подобри транспарентноста во работењето и безбедноста на пациентите, а со одлука на Извршниот одбор, Лекарската комора на нејзината интернет страница објави информација за доктори кои се носители на важечки лиценци за работа. Листата е јавно достапна и сите заинтересиран правни и физички лица може да проверат дали одредено лице е носител на лиценца за работа на доктор. Обезбедувањето на јавна достапност на овие информации очекуваме дека ќе ги обесхрабри обидите за непочитување на правните прописи со кои е регулирана докторската дејност.