Комората учествуваше на меѓународен настан организиран од Здравствената мрежа на Југоисточна Европа

Системот на лиценцирање на докторите беше главна тема на меѓународна работилница организирана од Здравствената мрежа на Југоисточна Европа што се одржа на 4-5 јуни во Кишинев, Молдавија.
Активностите на Лекарската комора, како носител на процесот за лиценцирање на докторите на медицина во нашата земја ги презентираше проф. д-р Весна Герасимовска, претседателка на Комисијата за етички и правни прашања при Комората, во чија потесна надлежност е ова прашање.
„Споредено со другите земји од регионот на Југоисточна Европа можеме да кажеме дека во нашата земја системот за лиценцирање е воспоставен на високо ниво, тој е одлично организиран, со соодветна правна рамка. Донесени се и соодветни, законски и подзаконски акти, како и правилници кои ги регулираат процедурите и постапките за издавање на лиценци кои ги спроведува Комората. Поголем дел од земјите од Југоисточна Европа немаат лиценци за работа на докторите, а не се воспоставени ниту комори како професионални организации со делегирани надлежности“, истакна проф. д-р Герасимовска.
Поздравни обраќања на отворањето на настанот имаа високи претставници на здравствените институции на Молдавија, Светската здравствена организација и Здравствената мрежа на Југоисточна Европа.
Покрај проф. д-р Герасимовска, национални извештаи презентираа и претставниците на Бугарија, Црна Гора, Романија, Србија, Албанија и Израел. На сесиите, како и во дискусиите, посебен акцент се стави и на предизвиците што постојат во процесот на лиценцирање, како и можностите за унапредување кои ги нуди дигитализацијата. Целиот настан беше одлично организиран исполнет со продуктивни и интересни содржини и активности, што го прави одлична можност за почеток на процес на поблиска комуникација, преку размена на искуства и отворање на нови можности за вмрежување и професионално ангажирање и напредување на докторите од земјите од Југоисточна Европа.
За потсетување, Лекарската комора во нашата земја овластувањето за спроведување на системот на лиценцирање и акредитација на докторите го доби со законските измени во 2004 година, кои почнаа да се применуваат од 2005 година. Првите лиценци беа свечено доделени во декември 2005 година.