ЛК на Генерално собрание на CPME
Претседателката на Лекарска комора проф. д-р Калина Гривчева Старделова и д-р Дениел Поповски од Извршниот одбор на Комората присуствуваа на Генерално собрание на Постојаниот комитет на европски лекари (Standing Committee of European Doctors – CPME) што се одржа на 22 и 23 март 2024 година во Љубљана, Словенија.
Покрај Генералното собрание на настанот се организираа и повеќе сесии на кои се елаборираа и дискутираа актуелни теми кои ги засегаат докторите и здравствените системи ширум Европа. Во фокусот на настаните и сесиите беше значењето на зачувување на независноста на лекарската професија, за што беше усвоена и заедничка изјава од сите учесници.
Настанот го отвори словенечката министерка за здравств, д-р Валентина Преволник Рупел, која им посака добредојде на делегатите и во своето обраќање се фокусираше на важноста на здравствената заштита заснована на вредности. Министерката истакна дека словенечкиот здравствен систем е соочен со стареење на населението и како резултат на тоа и со постојано зголемување на потребите и трошоците за здравствена заштита. Грижата заснована на вредности е наменета да ги измери резултатите од третманот и потоа, врз основа на анализи, да воведе промени во процесите на лекување.
Во делот посветен на независноста на докторската професија се истакна дека се зголемени предизвиците со кои се соочуваат медицинските професионалци низ цела Европа во обидот да ја зачуваат автономијата во одлучувањето и работењето. Во дискусијата беше истакнато дека овој тренд предизвикува закана за лекарите, пациентите и општеството како целина, поради што мора да се преземат мерки за заштита и јакнење на независноста. Се посочи и дека независноста е клучна за остварување на правото на пациентите на здравје и квалитетна здравствена заштита.
Во сесиите се дискутираше и за системите за електронска здравствена евиденција, кои треба да бидат секојдневна алатка за клиничка пракса за лекарите. Беше истакнат став дека е неопходно овие системи да бидат дизајнирани за да можат на лесен начин за да ги поддржат здравствените работници во извршување на нивните задачи и да ја намалат административната работа.
Беше одржана и презентација на кампањата за здрави работни места 2023-25 „Безбедна и здрава работа во дигиталната ера“ на Европската агенција за безбедност и здравје при работа (EU-OSHA), која ја поттикна дискусијата за дигитални решенија како дел од работата во здравството.
CPME ги презентираше и настаните кои следуваат во наредниот период. За следниот месец е предвиден вебинар за улогата на здравствениот сектор во климатската отпорност, а во јуни ќе се одржи конференција за недостигот на медицински кадар, лекови и медицински помагала. Следното Годишно собрание на CPME ќе се одржи во ноември годинава во Амстердам, Холандија.
Постојаниот комитет на европски лекари е организација која ги застапува своите членови пред институциите на ЕУ, обезбедува експертиза на највисоко ниво и во тесна соработка со Европската комисија учествува во креирањето на европските политики за прашања поврзани со здравството и здравствената заштита.
Лекарската комора е член на Постојаниот комитет на европски лекари од 2020 година.