Измени на Закон за здравствена заштита
Поедноставена процедура за докторите кои сакаат да работат до 67 години
Стапува во сила Законот за измени и дополнувања на Законот за здравствена заштита со кој се регулира дека здравствените работници и здравствените соработници кои работат во мрежата на здравствени установи ќе можат да останат во редовен работен однос до навршување на возраст од 67 години во поедноставена постапка, без за тоа да мора да добијат изричита согласност од директорот на здравствената установа и Министерството за здравство.
Согласно новите законски одредби, здравствениот работник, односно здравствениот соработник, од директорот на здравствената установа во која е вработен може да побара да му се продолжи договорот за вработување најмногу до 67-годишна возраст.
Писмената изјава здравствениот работник, односно здравствениот соработник, ја дава најдоцна до 31 август во тековната година за продолжување на договорот за вработување во наредната година. Директорот е должен по дадената изјава да го продолжи договорот за вработување најмногу до 67 години.
За продолжувањето на договорот за вработување на здравствениот работник, односно здравствениот соработник, согласно со условите од Законот, директорот на здравствената установа го известува Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување.
Лекарската комора го поздравува носењето на овие законски измени, кои беа иницирани од нејзина страна, бидејќи со нив сите добиваат рамноправни можности и се исклучува субјективноста во одлучувањето за продолжување на работниот однос. Продолженото ангажирање на докторите обезбедува подостапни здравствени услуги за пациентите. Станува збор за искусни доктори чие богато знаење од праксата е многу важно и за поквалитетна обука на младите лекари кои допрва почнуваат да ја градат својата професионална кариера.