Континуирана медицинска едукација (КМЕ)
Континуирано стручно усовршување на докторите на медицината е континуирана постапка која продолжува по стекнувањето на лиценцата за работа, со цел унапредување на знаењето и вештините за дијагностика и лекување.
Облиците на континуирано стручно усовршување на докторот на медицина се: учество во работата на конгреси/конференции симпозиуми и други форми на стручни состаноци, курсеви/работилници за континуирана едукација, студиски престои, објавени трудови во стручни и научни списанија и публикации, стекнување на стручни и научни звања, пријава за нуспојави на лекови и активност на ментор и едукатор, континуирана медицинска едукација во веб форма.
Континуираната медицинска едукација се организира и спроведува согласно Правилникот за облиците на континуирано стручно усовршување, критериумите за распоредување на облиците, критериумите за избор на спроведувачи на облиците на континуирано стручно усовршување и бодовите за обновување на лиценцата за работа на здравствените работници со високо образование од областа на медицината.
Евидентирање на бодови за КМЕ
Докторот на медицина во периодот на важноста на лиценцата од седум години треба да се стекне со 140 бодови преку различни облици на стручно усовршување, односно секоја година обезбедува најмалку 20 бодови.
Потребни документи за евидентирање на остварените бодови за КМЕ:
- Докази за стручно усовршување - фотокопии од сертификати за посетени акредитирани стручни активности (оригинали на увид), потврди или фотокопии од објавени написи и сл.
- Барање за одобрување и категоризација на облиците на стручното усовршување од страна на доктори на медицина
Проверка на впишаните бодови за КМЕ преку Порталот за лекари
Со најава на Порталот за лекари секој лекар може да направи увид во своите податоци, меѓу кои и за состојбата на впишани бодови за КМЕ. Постапката е следна:
- Кликнете на portal.lkm.org.mk
- Се најавувате со Вашето „Корисничко име“ и „Лозинка“. Вашето корисничко име е Вашата мeил адреса наведена во Регистарот, а Вашата лозинка се последните 6 (шест) броеви од Вашиот матичен број. Доколку не знаете која меил адреса сте ја навеле во Регистарот или истата повеќе не е активна, Ве молиме да се јавите во тек на работното време на 02/3239 060 локал 111 за да се направи ажурирање.
- Со притискање на копчето „Логирај се“, се вклучувате во Вашето досие.
- Влезете во полето "Лични податоци", потоа во "Мои податоци" и потоа во "Континуирана едукација" каде ќе може да направите увид во впишаните бодови за КМЕ за секоја година поединечно.