Пријави насилство врз лекари
Драги колеги и колешки,
Доколку сте биле изложени на вербален или физички напад или насилно однесување од страна на пациент, придружба на пациент или од трети лица за време на вршење на професионалната дејност, можете да поднесете пријава за насилство врз лекари до Лекарска комора со пополнување на формулар достапен на нашата веб - страница.
Лекарската комора остро го осудува и го смета за неприфатлив секој облик на насилство и агресивно однесување кон лекарите, било да се работи за физичко, вербално или каков било друг облик на насилство.
Во февруари 2023 година, како резултат на иницијатива и долгогодишно залагање на Комората беа донесени измени во Кривичниот законик со кои секој облик на насилство врз здравствен работник се смета за напад врз службено лице што претставува кривично дело. Делата како употреба на сила, сериозни закани, навреда, малтретирање, задавање телесни повреди или закана со употреба на оружје кон лекар при вршење на професионалните работни задачи се кривични дела за кои е предвидена казна затвор.
Законот предвидува и сторителот на делото да може да се ослободи од казна, ако бил предизвикан со незаконско или грубо постапување на службеното лице или лицето кое помага. Комората исто така, потсетува дека докторите во извршување на своите работни задачи треба да го почитуваат Кодексот на медицинска етика и протоколите за лекување.
Лекарската комора ги охрабрува сите лекари кои доживеале насилство на работното место, случајот да го пријават во Министерството за внатрешни работи кое е надлежно за спроведување на понатамошните постапки по службена должност, но исто така инцидентот да го пријават и во Лекарска комора. На овој начин, Комората ќе може да има попрецизен увид во зачестеноста на насилството во здравствените установи, активно да го следи постапувањето на надлежните институции, да пружи правно советување на своите членови, каде што тоа е неопходно, да предлага мерки и политики за сузбивање на насилството врз лекарите и да презема активности во рамките на своите надлежности.
Со одлуката да пријавите насилство, помагате во напорите на Лекарската комора да обезбеди побезбедна средина за здравствените работници и пациенти. Насилството врз здравствените работници не смее да се толерира.
Формуларот за Пријави насилство врз лекари може да го преземете ОВДЕ. Пополнетиот формулар може да го испратите на е-пошта lkm@lkm.org.mk или да го доставите до архивата на Лекарската комора, "Партизански одреди бр 3", 1000 Скопје.
Доколку имате дополнителни прашања или ви се потребни дополнителни информации може да се обратите на lkm@lkm.org.mk или на 02/3225 592 и 02/3225 590.
НАПОМЕНА: Инцидентите и споровите на работно место помеѓу две или повеќе службени лица не се предмет на овој облик на пријави насилство врз лекари.