Лекарска комора на РСМ
Лекарската комора на Република Северна Македонија е самостојна и професионална организација на сите доктори на медицина на територијата на Република Северна Македонија.
Лекарската комората има својство на правно лице и ги застапува интересите на сите доктори на медицина кои се членови на Комората.
Лекарската комора делува во насока на заштита и унапредување на стручноста, етичките должности и правата на докторите на медицина, како и на нивниот углед, интегритет и професионални интереси. Комората се залага за унапредување на севкупната лекарска струка и професија и за нејзино правилно и чесно вршење. Лекарската комора обезбедува организиран настап на докторите на медицина пред државните органи, ФЗО и здравствените установи и дава предлози и сугестии за организирање на здравствената заштита на сите нивоа и пред институциите на системот, а сé во интерес на граѓаните и на докторите на медицина во државата.
Статут на Лекарска комора на Република Северна Македонија
Кодекс на медицинската деонтологија
Историјат
Лекарската комора на Македонија е формирана на 5 јуни 1992 година на иницијатива на неколку доктори од Македонското лекарско друштво. Првата конститутивна седница на Собранието на Лекарска комора е одржана во просториите на Болницата на Армијата на Македонија, каде по воведниот збор на проф. д-р Јован Тофовски и поздравниот говор на Претседателот на Република Македонија Киро Глигоров, делегатите ги усвоиле Статутот на Комората и Кодексот на медицинска деонтологија и биле избрани органите и телата на Комората. За претседател е избран проф. д-р Алексеј Дума.
Првата конститутивна седница на ЛКМ
Во Лекарската комора на Македонија во почетокот членувале доктори по медицина и доктори по стоматологија. Во 1995 година стоматолозите се издвојуваат и формираат нова Стоматолошка комора.
Лекарската комора на Македонија е наследник на лекарската комора која постоела на овие простори во третата деценија на минатиот век во тогашното кралство Југославија. Седиштето на комората која ја покривала тогашната вардарска бановина било во Скопје. Во комората членувале сите доктори и стоматолози, што било обврска за да можат да ординираат. Се плаќало членарина и тоа во месните писарници во општинските полициски станици.
Јавни овластувања
Согласно Законот за здравствена заштита Лекарската комора има јавно овластување и должност да:
- Издава, обновува, продолжува и одзема лиценца за работа на доктори на медицина
- Води Регистар на издадени, обновени, продолжени и одземени лиценци за работа на доктори на медицина
- Врши стручен надзор над работата на здравствените установи и другите установи кои вршат здравствена дејност и на здравствените работници.
Стручен надзор
Стручниот надзор се врши заради контрола над стручната работа, спроведување на стручните упатства, оцена на стручната работа, како и процена на условите и начинот на укажување на здравствената заштита.
Редовен стручен надзор над работата на здравствените работници се врши врз основа на годишен план за стручен надзор за кој согласност дава Министерот за здравство. Вонреден стручен надзор се спроведува врз основа на писмено барање и соодветна документација поднесена од пациент, член на неговото семејство и државни органи.