Раководството на Лекарска комора оствари средба со директорите на Фондот за здравство
Претседателката на Лекарска комора проф. д-р Калина Гривчева Старделова, заменик претседателот доц. д-р Беким Исмаили како и претставниците на Извршниот одбор денеска реализираа средба со директорите на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски и Бранко Аџигогов на која се разговараше за приоритетните реформи што докторите сметаат дека треба да бидат направени со цел унапредување на здравствениот систем.
Во делот на примарната здравствена заштита се дискутираше за укинување на дестимулативната скала, бидејќи нејзиното постоење во услови кога нема доволно здравствен кадар и осигуреници не дава позитивни резултати. Со цел реално вреднување на трудот на постоечкиот кадар и негово задржување во системот се побара до 4.000 бода да се исплаќа 100% капитација за сите пациенти. Комората смета дека е неопходно да се направат промени во превентивните програми, за да може тие да одговорат на современите трендови на болестите. Постоечките програми не се променети од 2012 година. Во интерес на обезбедување на достапност на здравствената заштита на пациентите од руралните области неопходно е да се воспостави систем за одржливо постоење на руралните амбуланти. Се предлага зголемување на сумата која сега Фондот ја дава за работа на овие ординации, како и да се изнајде решение што ќе овозможи во руралните области да работи само доктор, без медицинска сестра кога таа не може да се обезбеди. Претставниците на Комората потенцираа дека за плаќање на матичните лекари треба да се воспостави систем што ќе гарантира усогласување на вредноста на капитацискиот бод со порастот на трошоците за живот и инфлацијата.
Во однос на промените на секундарно и терцијарно ниво што треба да се направат, а се во надлежност на Фондот, докторите истакнаа три приоритети. Право да се стабилизира функцијата на секундарното ниво на здравствениот систем, кое во моментот не се користи доволно од страна на пациентите, бидејќи се случува тие да се упатуваат директно на терцијарно ниво за време на дежурство без упат или со приоритетен упат. Второ, да се воспостави систем во кој парите ќе го следат пациентот во текот на лекувањето, со што сите здравствени установи, особено болниците низ државата, ќе бидат стимулирани и ќе се трудат да ги лекуваат пациентите, а не без потреба да ги упатуваат во терцијарно ниво. Како трета точка беше истакната потребата да се ревидираат цените на здравствените услуги што ги плаќа Фондот за здравствено осигурување, бидејќи воопшто не кореспондираат со реалните трошоци, ниту пак создаваат услови за унапредување и модернизирање на здравствените услуги што се даваат.
Претставниците на Фондот истакнаа разбирање и поддршка за дел од приоритети на чие решавање ќе се работи во наредниот период. Двете страни се договорија да се продолжи со интензивната соработка и конструктивен пристап со цел побрзо креирање на одржливи решенија прифатливи за сите страни.