ЛК учествуваше на 31-от ЗЕВА Симпозиум
Претседателката на Лекарската комора проф. д-р Калина Гривчева Старделова, потпретседателката за секундарна здравствена заштита д-р Маја Манолева и потпретседателот за терцијарно здравство д-р Алберт Леши учествуваа на 31-от Симпозиум на лекарски комори на земјите од Централна и Источна Европа (ЗЕВА) што се одржа од 5-7 септември во Приштина, Косово.
Учесниците на Симпозиумот презентираа национални извештаи на повеќе теми меѓу кои и за улогата на лекарските комори во обуката на специјалистите и супспецијалистите, условите за релиценцирање и работа на докторите по пензионирањето, миграцијата на докторите и за синдромот на прегореност кај здравствените работници. Исто така, подетално се дискутираше за специфичните предизвици со кои се соочуваат лекарските комори во Албанија и Унгарија.
Во дискусијата беше утврдено дека е потребно зајакнување на улогата на коморите во однос на нивната вклученост во процесот на доделување и организирање на специјализациите и супспецијализациите.
„Праксата покажува дека во земјите каде коморите имаат многу поголема улога во овој процес и формално и суштински се постигнува подобро менаџирање на потребите на здравствениот систем во однос на специјалистичкиот и супспецијалистички кадар“, истакна проф. д-р Гривчева Старделова.
Во однос на релиценцирањето и можностите за работа на докторите по исполнување на условите за пензионирање беше посочено дека е потребно да се воведат и дополнителни услови што ќе го гарантираат квалитетот на здравствената услуга.
Претседателката на Комората, проф. д-р Гривчева Старделова, пред колегите ја истакна потребата да се изгради заеднички став и да се договори начин на делување во однос на примената на вештачката интелигенција во медицината бидејќи во земјите на ЕУ, САД и Велика Британија веќе се подготвуваат законски решенија со кои се регулира оваа област. Таа истакна дека e особено важно прецизно да бидат регулирани правилата на употреба на вештачката интелигенција, како и да се заштитат докторите од потенцијални грешки.
ЗЕВА Симпозиумот е годишен настан на кој учествуваат претставници на коморите и докторските асоцијации од повеќе од 25 земји на Централна и Источна Европа, со цел да ја поддржуваат, промовираат и прошируваат улогата и работата на професионалните коморски асоцијации, да разменуваат искуства и мислења, како и да заземаат ставови и даваат предлози во функција на подобрување на здравствениот систем и обезбедување квалитетна и пристапна здравствена заштита за населението. Следниот ЗЕВА Симпозиум ќе се одржи во Скопје во организација на македонската Лекарска комора.