Свечено одбележан Денот на Лекарската комора на Македонија
„Лекарската комора на Македонија останува отворена за идеи, мислења, предлози... Во неа сите ние, поклониците на Хипократовата заклетва, треба да ги артикулираме нашите заложби и барања. Се разбира, водејќи сметка и за општите интереси, за интересите и потребите на граѓаните, државата...Тоа не е ни лесно ни едноставно. Како професионална асоцијација Комората отсекогаш била принципиелна, кооперативна и отворена за соработка. Во таа насока ќе го продолжиме нашето дејствување - транспарентно, сериозно и одговорно“, истакна претседателот на Лекарската комора на Македонија, проф.д-р Кочо Чакалароски на Свечениот собир по повод 5 јуни Денот на Kомората што се одржа во конференциската сала во „Воденица – Мулино“ во Скопје.
Во присуство на голем број гости, меѓу кои и заменик - министерот за здравство, Јовица Андовски, државниот секретар во Министерството за здравство, Насуф Ипчја, директорите на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Стафановски и Орхан Рамадани, деканите на Медицинскиот факултет и на Стоматолошкиот факултет во Скопје, проф. д-р Никола Јанкуловски и проф. д-р Љубен Гугувчевски, претседателот на Македонско лекарско друштво д-р Горан Димитров, претседателот Чакалароски истакна дека во изминативе 24 години од (ре)основањето, Лекарската комора на Македонија „се втемели како самостојна, професионална организација на докторите и се наметна како вистински партнер во општеството и во креирањето на здравствените политики, односно стана почитувана и компетентна професионална асоцијација со јавни овластувања“.
Во рамките на свеченоста, беше доделена Плакетата „Св. Наум Охридски“. Добитник на ова највисокото признание на Лекарската комора на Македонија оваа година е д-р Мирослав Бојаџијевски од Скопје, од неодамна во пензија, кој најголемиот дел од својот професионален ангажман го мина како дел во тимот на Геронтолошкиот завод „13 ноември – Скопје“. Предлогот за доделување на оваа престижна награда на д-р Бојаџијевски е од неговите колеги, односно од Општинската организација на ЛКМ – Карпош 3 од Скопје. Комисијата за награди на Комората, како што истакна нејзиниот член, д-р Верица Попоска, оцени дека со својата работа и досегашни активности на професионален план, коректниот однос кон колегите, професионален однос и доверба кај пациентите, секогаш придржувајќи се на медицинската етика и Кодексот на медицинска деонтологија, д-р Бојаџијевски несомнено е доктор кој заслужува вакво признание.
Наградата за најдобар објавен стручен и научен труд во „Vox medici“ во 2015 година рамноправно ја поделија трудовите „Карбоцистеин во амбулантското лекување на егзацербациите на хроничниот бронхитис и хроничната опструктивна белодробна болест“ од Јордан Минов, Јованка Кaраџинска - Бислимовска, Сашо Столески, Драган Мијакоски (Институтот за медицина на трудот на Р. Македонија, Колаборативен центар на СЗО и Колаборативен центар наGA2LEN) и „Нутрофилна дисфункција предизвикана со злоупотреба на антибиотици кај децата“ од Кристина С. Миронска од Универзитетската клиника за педијатрија.
За несебичното залагање во работата и посветеноста на пациентите, Лекарската комора им додели благодарници на д-р Невзат Елези од Медицинскиот факултет во Тетово и д-р Сретимир Николовски, специјалист по интерна медицина од Крива Паланка.
- Благодарници за несебично залагање во работата и посветеност на пациентите
- Најдобар стручен и научен труд објавен во „Vox medici“ за 2015 година