Свечено одбележан денот на Лекарската комора на Македонија - 5 јуни
На 5 јуни 2015 година, во Клубот на пратениците во Скопје, на свечен начин се одбележа Денот на Лекарската комора на Македонија.
Претседателот на Лекарската комора на Македонија, проф. д-р Кочо Чакалароски во својот поздравен говор им се обрати на бројните гости и доктори, а на присутните им се заблагодари што одвоиле време за заеднички да се одбележи Денот на Лекарската комора на Македонија, односно 23 - годишнината од нејзиното основање, или, како што некои велат, возобновување на 5 јуни 1992 година.
„Како самостојна и професионална организација на докторите по медицина, здружени заради заштита и унапредување на стручноста, етичките должности и права, за подобрување на квалитетот на здравствената заштита, за следење на односот на здравствените работници кон општеството и граѓаните, Комората во изминатите години се наметна како партнер во општеството и во креирањето на здравствените политики, се изгради како респектабилна професионална асоцијација со јавни овластувања. Со многу енергија, залагања и знаење, Комората многу направи, но нема дилеми дека пред Комората, односно пред нас докторите, има уште многу предизвици кои треба да се реализираат за таа да стане она што сите ние очекуваме. При тоа ќе останеме на зацртаната принципиелност, кооперативност и отвореност за соработка и ќе продолжиме да дејствуваме транспарентно, сериозно и одговорно“, истакна д-р Чакалароски.
Според него, покрај редовните програмски активности, Комората во изминативе години преку своите претставници активно учествувала во работата на многу органи и тела на здравствениот систем и на државата. Во рамките на соработката со Министерството за здравство, како што рече, е потпишан Меморандум за соработка со Министерството и невладината организација „Интегритет Алфа Омега“ преку која се одвива соработката со странските експерти кои доаѓаат во Македонија за доедукација на македонските доктори и подигнување на квалитетот на здравствените услуги.
„Лекарската комора на Македонија се вклучи во расправите, и со конкретни предлози, сугестии и забелешки настојуваше да ги подобри одредбите предложени во неколкуте измени и дополнувања на законската регулатива од областа на здравството, a врз основа на законските одредби востановен е и првиот Медицински симулациски центар (МСЦ) како посебен правен субјект во чие основање партиципираат ЛКМ, медицинските факултети и Министерство за здравство“, истакна Претседателот на Комората.
Во тоj контекст тој се осврна и на соработката со ФЗОМ каде активностите на Комората биле фокусирани на преговори за актуелни проблеми со кои се соочуваат докторите во работењето, договори во врска со анекс - договорите за плаќање на здравствените услуги во ПЗЗ, гинекологија, специјалистичко -консултативна здравствена заштита и лаборатории.
„Во рамките на програмските активности во минатата година беа организирани 13 испитни сесии за полагање на стручен испит, повеќе од 40 вонредни стручни надзори, акредитирани се 204 стручни активности, организирани се 70-тина обуки и проверки за повторно стекнување со лиценца за работа... Во текот на претходната и првите пет месеци од оваа година се поднесени вкупно 1.217 барања за издавање, продолжување и обновување на лиценци, а од нив 365 се стекнале за прв пат со лиценца за работа, 33 доктори основните лиценци ги замениле со работни лиценци, 159 доктори се стекнале со специјалистички лиценци, а 660 доктори ја обновиле лиценцата. Во истиот период врз основа на законските овластување, издадени се 43 времени лиценци на доктори странски државјани ангажирани од здравствени установи и Министерството за здравство.
Лекарската комора издаде и повеќе од 200 сертификати на доктори на медицина кои се неопходни заради стручен престој, едукација или работа во странство“, рече д-р Чакалароски.
Со промената на законската регулатива е обезбеден и статус на службено лице за докторите при вршење здравствена дејност како исчекор во напорите за нивна поголема безбедност и заштита од вербални и физички напади на работните места, а во согласност со програмските цели и задачи на Лекарската комора.
Во соработка со Институтот за медицина на трудот на Р. Македонија, Колаборативен центар на СЗО, започнато е истражување чија цел е да се дефинира проблемот на насилството на работното место кај докторите, при што добиените резултати би ги детерминирале насоките за општествена и стручна акција за унапредување на здравјето и безбедноста при работа кај здравствените работници и подобрување на квалитетот на здравствените услуги за пациентите.
Во рамките на Стручната служба на ЛКМ, нагласи д-р Чакалароски, формирано е Проектно одделение кое презема активности преку кои целта е лекарите да се вклучат во локалните и меѓународни проекти од сферата на здравството.
Проектното одделение ќе работи на воспоставување соработка со организации и институции сѐ со цел да се обезбедат финансиски средства од ЕУ и од други извори со кои ќе се овозможи лекарите од Македонија да имаат пристап до поголем број домашни и меѓународни проекти.
Претседателот на Комората го издвои и договорот за соработка со конзорциумот „Иноватор 2013“ за програмата „Развој на пчеларството во Р. Македонија 2007“, односно Проектот за производство и преработка на пчелин отров во биолекови и Проектот за доработка на медицински мед во медни тинктури.
Според Чакалaроски, продлабочување на веќе воспоставените односи на соработка со сродните меѓународни асоцијации и другите асоцијации во земјата и странство останува во агендата на Комората.
„Како професионална асоцијација, Комората беше и ќе биде посветена на реформите во сите сегменти на здравството и на тоа поле ќе продолжи да ги артикулира потребите и барањата на докторите низ соработка со институциите на системот.
Ни претстои имплементација на новите софтверски решенија и ажурирање на базата на податоци и олеснување на поврзаноста на службите во функција на подобрување на квалитетот на работењето. Во тој контекст, Законот за докторска дејност останува еден од приоритетите, а Комората ќе инсистира на неговото донесување затоа што цениме дека тој ќе придонесе докторите да го добијат вистинското место во системот и општеството“, потенцира д-р Чакалароски .
Во рамките на свеченоста, беа доделени награди и благодарници за:
- Највисоко признание за 2014 година, Плакета „Св.Наум Охридски“ за д-р Радосав Т. Наковски
- Златна плакета на Лекарска комора на Македонија
- Најдобар стручен и научен труд објавен во „Vox medici“ за 2014 година
- Благодарници на здравствени установи и доктори кои беа ангажирани за време на немирите во Куманово, на 9 и 10 мај 2015 година