ИН МЕМОРИАМ Прим. д-р Никола Николов

Почина примариус д-р Никола Николов, истакнат лекар и педијатар кој својот живот го посвети на медицината и науката. Неговата кариера беше исполнета со извонредни достигнувања, а најзначајно од нив е откритието на нова мутација на хемоглобин позната како “хемоглобин Струмица”.
Роден е во Струмица во 1933 година. Завршил Медицински факултет во Скопје, каде што специјализирал педијатрија. Работниот век го поминал во Медицинскиот центар во Струмица каде бил и на раководна функција, помошник на генералниот директор по стручни прашања.
Примариус д-р Николов беше вистински столб на струмичкото здравство и остави неизбришлива трага во медицинската заедница. Со својата посветеност и научна љубопитност тој придонесе за развојот на хематологијата и генетиката, а неговото откритие за “хемоглобин Струмица” доби меѓународно признание. Оваа мутација на хемоглобинот беше предмет на бројни научни истражувања и помогна во подобро разбирање на крвните заболувања.
Покрај својата научна работа, д-р Николов беше пример за хуманост, пожртвуваност и професионализам. Стотици пациенти поминале низ неговите раце, а неговата експертиза и срдечен однос кон болните ќе останат запаметени од многумина.
Лекарската комора изразува сочувство до семејството.