In memoriam Проф. д-р Владимир Мирчевски
Со голема тага ја примивме веста за смртта на проф. д-р Владимир Мирчевски, светски признат неврохирург и еден од водечките експерти во оваа област, кој остави значаен белег во медицината не само во Македонија, туку и на меѓународно ниво. Toj беше член и на Американскиот конгрес на неврохирурзи, што е огромно признание за неговата стручност и професионален углед, редовен професор на Медицинскиот факултет-Скопје, сакан сопруг и татко.
Проф. д-р Мирчевски заврши Медицински факултет на Универзитетот „Кирил и Методиј“ во Скопје во 1985 година, по што своето медицинско образование го надоградува во странство и специјализира на реномираната Лионска школа по неврохирургија во Франција – една од водечките институции во оваа област. Професионално портфолио го збогатува и со докторат на Медицински факултет во Скопје во 1999 година.
Неговата кариера е исполнета со значајни хируршки зафати и иновативни методи, со суптилен и стручен пристап во третманот на тешки случаи. Како професор д-р Мирчевски позитивно влијаеше врз професионалниот развој на многу млади лекари и истражувачи. Освен своите клинички активности, тој беше и автор на бројни научни трудови и истражувања во областа на неврохирургијата.
Лекарската комора изразува жалење за загубата на извонреден доктор и упатува сочувство до семејството.