IN MEMORIAM Прим. д-р Славица Стојановa
На 68-годишна возраст почина прим. д-р Славица Стојанова, истакнат анестезиолог и лекар, секогаш посветена на пациентите и со неизмерна поддршка за колегите.
Примариус д-р Стојанова специјалистичкиот испит по анестезија со реанимација го положила во 1986 година од кога и беше вработена на Клиниката за хируршки болести “Св. Наум Охридски” во Скопје, каде во 1993 година станува шеф на оддел, а во 2001 година началник на единицата за Интензивна нега и реанимација. Од 2004 до 2008 година беше член на извршниот одбор на Лекарската комора на Македонија, а потоа и член на Комисија за лиценцирање при Лекарската комора. Д-р Стојанова активно беше вклучена и во Здружението за анестезија и реанимација, како и во други стручни здруженија, каде даваше важен придоес за развој на професијата и унапредување на третманот на пациентите.
Таа исто така активно учествуваше на сите конгреси на анестезиолози во нашата земја, како и на повеќе конгреси што се одржуваа на територијата на некогашната СФРЈ. Со свои презентации партиципираше и на конгреси од европски и светски карактер во Виена, Франкфурт, Сиднеј.
Прим. д-р Стојанова има објавено повеќе од 40-ина труда како автор и повеќе од 60-ина труда како коавтор. Со звањето примариус се стекна во 1999 година, а во 2003 година одбрани и јавен труд од областа на интензивната медицина со наслов “Ниво на лактатите кај критични болни: ран показател за прогноза на болеста“. Таа исто така беше едукатор на специјализантите по анестезија со реанимација од 2013 година до нејзиното пензионирање.
Прим. д-р Стојанова ќе остане запаметена како исклучителен доктор и човек, високо почитувана од колегите и пациентите.
Лекарската комора изразува жалење за загубата и сочувство до семејството и блиските.