IN MEMORIAM Проф. д-р Љубомир Јаќовски
На 26.07.2022 ненадејно згасна животот на педијатар проф. д-р Љубомир Јаќовски, долгогодишен директор на Детската болница во Козле.Проф. д-р Љубомир Јаќовски е роден во с. Бањишта, Дебар во 1936 година. Основното училиште го завршил во родното место, а средно медицинско училиште за лекарски помошници завршил во Скопје во 1954 година.
По дипломирањето на Медицинскиот факултет во Скопје во 1962 година се вработил во Здравствен дом Скопје. Специјализацијата по предметот педијатрија ја завршил во 1970 година на Клиниката за детски болести при Медицинскиот факултет во Скопје.
Во 1972 година се вработил во Детска пневмофтизиологија, Градска општа болница-Скопје, Институт за белодробни заболувања кај децата-Скопје, при што од 1986 до 1999 година бил Директор на установата.
Докторирал на тема имунолошки основи при туберкулоза кај децата, за што беше врвен специјалист. Со посебен интерес работел и врз проблемот на туберкулозата во детската возраст и особено внимание му посветувал на испитувањето, дијагностиката и воведувањето посовремени терапевтски процедури како доктринарни ставови.
Носител е и на Орден за заслуги за народ со сребрена звезда, со кој го одликувал Претседателот на државата (ФНРЈ) од 28.12.1963 година.
Проф. д-р Љубомир Јаќовски бил претседател на Здружението на педијатрите на Република Македонија и Македонското респираторно здружение, а членувал и во International Union Against Tuberculosis and Lung Diseases и во Европската Асоцијација на Клинички имунолози.
Лекарската комора изразува жалење за големата загуба на извонреден колега и научник и упатува сочувство до семејството.