IN MEMORIAM Прим. д-р Мирјана Аџиќ
На 73-години почина прим. д-р Мирјана Аџиќ, истакнат специјалист интернист и геронтолог, основоположник на палијативната заштита во нашата земја.
Прим. д-р Аџиќ завршила Медицински факултет во Скопје во 1976 година, по што специјализира интерна медицина, а професионалната ориентација ја насочува кон развивање и подобро позиционирање на геронтологијата во здравствениот систем. Од 1988 до 2017 година д-р Аџиќ била на функција директор на Геронтолошкиот завод „13 Ноември” во Скопје, во период кога се изградени двата хосписи „Сју Рајдер“, еден во Скопје, а другиот во Битола. Од 1997 година е член на Бордот на Фондацијата „Сју Рајдер Кер Лондон“. Во 2000 година се стекнува со стручно звање примариус. Д-р Аџиќ има и богата истражувачка и научна работа содржана во над 50 објавени трудови.
Прим. д-р Аџиќ ќе остане запаметена како исклучителен доктор и човек, високо почитувана од колегите и пациентите.
Лекарската комора изразува длабоко сочувство до семејството.