IN MEMORIAM Проф. д-р Димитар Кафтанџиев
Во Скопје, по кусо боледување, почина проф. д-р Димитар Кафтанџиев, доајен на македонската хирургија и основоположник на современата македонска торако-васкуларна и кардиохирургија. Проф. д-р Димитар Кафтанџиев бил раководител на тимот, кој пред 50 години, на 30.мај 1973 година ја извршил првата операција на отворено срце во државава.
Извршувал повеќе општествено-стручни и раководни функции. Бил продекан на Медицинскиот факултет во Скопје, директор на клиниката за торако-васкуларна хирургија, како и директор на Хируршките клиники при Медицинскиот факултет во Скопје.
Автор е на две монографии со наслов ,,Рак на дојка“ и ,,Рак на тиреоидна и паратиреоидни жлезди“, како и на многубројни стручни и научни трудови, презентирани во земјава и во странство.
Добитник е на многубројни награди и признанија, меѓу кои, Орденот за заслуги за народ со сребрена ѕвезда на СФРЈ, Државната награда ,,11 Октомври”, како и наградата на град Скопје ,,13 Ноември”.
Лекарската комора изразува жалење за загубата на извонреден колега и упатува сочувство до семејството.