IN MEMORIAM Прим. д-р Ѓорѓи Гоцев
Почина прим. д-р Ѓорѓи Гоцев, истакнат специјалист дерматовенеролог, кој даде значаен придонес во развој на дерматологијата во нашата земја како и на Универзитетската Клиника за дерматологија, научник и едукатор на повеќе генерации на студенти по медицина и специјализанти по дерматовенерологија.
Прим. д-р Гоцев е роден на 02.03.1953 година во Скопје. Во 1978 година го завршил Медицинскиот факултет во Скопје. Специјализирал на Клиниката за дерматовенерологија во Скопје и се стекнал со звањето специјалист дерматовенеролог. Во 1998 година е промовиран во звањето примариус.
Во 1991 година на Клиниката за дерматологија ја вовел неинвазивната дијагностичка техника со високофреквентен (20MHz) ултразвук, која и денес е се уште привилегија и за поголемите медицински центри во високо развиените држави.
Прим. д-р Гоцев е автор и редактор во учебникот за студенти и специјализанти по предметот дерматовенерологија, а исто така е автор или коавтор на повеќе од 70 стручни трудови. Од 2012 до 2020 година бил претседател на Здружението на дерматовенеролози на Македонија.
За своите активности прим. д-р Гоцев има добиено повеќе признанија помеѓу кои позначајни се наградата „Гоце Делчев“ како општествено признание за особено значајни остварувања за книгата „Дерматовенерологија“, Плакета во знак на признание за придонесот во афирмацијата од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, државната награда „Св. Климент Охридски“ како највисоко општествено признание за долгогодишни остварувања во областа на здравството од интерес за Република Македонија.
Лекарската комора изразува жалење за загубата на извонреден колега и упатува сочувство до семејството.