IN MEMORIAM асс. д-р Горан Беговиќ
Почина д-р Горан Беговиќ, супспецијалист по абдоминална хирургија и претседател на Самостојниот синдикат на вработените во универзитетските клиники, истакнат борец кој активно се залагаше за унапредување на статусот и креирање на подобри работни услови за здравствените работници.
Д-р Беговиќ е роден 1960 година во Скопје, дипломирал на Медицинскиот факултет во Скопје, каде завршил специјализација по општа хирургија и супспецијализација по абдоминална хирургија. Во 1998 година е избран за асистент по предметот Хирургија на Медицинскиот факултет во Скопје. Со звањето доктор на медицински науки - клиничка медицина при УКИМ - Медицински факултет во Скопје се стекнал во 2017 година. Својот работен век го помина како дел од стручниот тим на Клиниката за дигестивна хирургија во Клиничкиот центар во Скопје.
Д-р Беговиќ беше член на повеќе стручни здруженија меѓу кои и Македонското здружение на хирурзи, Европското здружение за дигестивни хирурзи, Македонското здружение на гастроентерохепатолози, Европското здружение за нутриција. Тој исто така беше дел од телата и органите на Лекарска комора, во одреден период како претседател на ОО Центар и како акредитиран испитувач. Д-р Беговиќ од 2014 година ја извршуваше и функцијата претседател на Самостојниот синдикат на вработените во универзитетските клиники, центри, клинички болници и други здравствени установи на Република Македонија.
Лекарска комора на РСМ изразува жалење за големата за загуба на извонреден колега и лекар и изразува сочувство до семејството.