IN MEMORIAM Проф. д-р Билјана Илиевска Попоска
По кратко боледување на 05.11.2022 година почина д-р Билјана Илиевска Попоска, специјалист интернист и пневмофтизиолог, супспецијалист пулмоалерголог. Д-р Илиевска Попоска беше Раководител во Одделението за интензивна нега на ЈЗУ Институт за белодробни заболувања и туберкулоза - Скопје и професор на Факултетот за медицински науки при Универзитет „Гоце Делчев“-Штип.
Професор Билјана Илиевска-Попоска е родена во 1960 година во Пробиштип, Македонија. Основно и средно образование завршува во Скопје, а во 1985 година дипломира на Медицинскиот факултет во Скопје. Во 1993 завршува специјализација од областа пневмофтизиологија, во 1999 година ја завршува и втората специјализација од областа интерна медицина, а во 2011 година завршува супспецијализација од областа пулмологија и алергологија. Д-р Билјана Илиевска Попоска во 1991 година по одбрана на магистерскиот труд се стекнува со звање магистер по медицински науки, а во 2011 година ја брани и докторската дисертација со што се стекнува со звање доктор на медицински науки. По вработувањето на Институтот за белодробни заболувања и туберкулоза во 1988 година активно се вклучува во научноистражувачката работа и е автор и коавтор на голем број научни трудови со кои има учествувано и предавано на бројни меѓународни и национални пулмолошки симпозиуми, работилници и конгреси.
Проф. д--р Илиевска Попоска беше активна и во коморското работење, како член на Комисијата за етичко-правни прашања при Лекарската комора на Македонија, во периодот од 2013 до 2017 година.
Проф. д-р Илиевска Попоска ќе остане запаметена како врвен лекар и истражувач, професионалец во областа во која работеше и признат и почитуван професор кој се вложи во создавањето на нов медицински кадар во земјава. Лекарската комора изразува жалење за големата загуба на врвен професионалец, колега и научник и упатува сочувство до семејството.