06.03.2021
06.03.2021
IN MEMORIAM академик Момир Харалампие Поленаковиќ (1939 – 2021)
По кратко боледување на 6 март 2021 година, во 81 година од животот, почина академик Момир Харалампие Поленаковиќ.
Акад. Момир Харалампие Поленаковиќ е роден на 26 април 1939 година во Скопје. Медицински факултет завршил во Скопје во 1963 година, кога бил прогласен и награден како најдобар студент – првенец на Универзитетот „Кирил и Методиј“ во Скопје. Специјализација по интерна медицина завршилво 1969 година. Во 1977 година ја одбранил докторската дисертација на тема „Клиничко-имунолошка процена на патолошките настанувања во бубрежните гломерули“. За редовен професор е избран во 1988 година. Работел на Клиниката за нефрологија при Медицинскиот факултет во Скопје, а во периодот 1990 – 1997 година, бил директор на Клиниката за нефрологија. Од 2005 година, во пензија, неуморно продолжил да работи областа на медицината и со своите трудови и научно истражувачката работа да придонесува во оваа област.
Поленаковиќ беше избран за редовен член на Македонската академија на науките и уметностите на 26 јуни 1997 година, а во периодот 2004 – 2007 г., беше нејзинпотпретседател. Во периодот 2011 – 2017 год., Поленаковиќ беше раководител на Истражувачкиот центар за генетско инженерство и биотехнологија „Георги Д. Ефремов“ на МАНУ.
Лекарска комора на РСМ изразува жалење за големата загуба на драг пријател, извонреден колега и научник и изразува сочувство до семејството.