IN MEMORIAM: Спец. д-р Душан Јовановски
Со длабока тага ја примивме веста дека по кратко боледување почина истакнатиот македонски лекар, д-р Душан Јовановски, специјалист радиолог.
Д-р Јовановски е роден во 1958 година во Панчево, Србија. Високо образование завршил на Медицинскиот факултет при Универзитетот „Кирил и Методиј“ во 1989 година, а со звање специјалист по радиодијагностика се стекнал во 1999 година. Неговиот професионален пат е исполнет со врвни успеси, менаџерски вештини и искрена љубов кон професијата. Својата кариера ја започнува во Здравствениот дом Кратово во 1989 година, каде со својата посветеност остава траен белег. Во периодот од 2005 до 2009 година, со успех ја извршува и функцијата директор на оваа здравствена установа..
Д-р Јовановски беше дел и од спортската медицина. Од 1987 до 1997 година работеше како спортски доктор на фудбалскиот клуб „Силекс“, а неговата стручност доби и национално признание кога во периодот од 2000 до 2005 година ја извршуваше функцијата спортски доктор на Националниот фудбалски тим на Република Македонија.
Колегите, соработниците и бројните пациенти ќе го паметат д-р Душан Јовановски како човек со огромна емпатија, благ збор и беспрекорен професионализам. Тој беше лекар кој секогаш наоѓаше време и разбирање за секого, водејќи се од највисоките етички и хумани вредности.
Неговото дело и трагата што ја остави во македонската медицина и спорт засекогаш ќе останат во колективната меморија.
Лекарската комора изразува сочувство до неговото семејство, колегите и пријателите.





