IN MEMORIAM проф. д-р Владо Јаневски
Проф. д-р Владo Јаневски беше истакнат македонски дигестивен хирург со долгогодишно клиничко, наставно и научно искуство во областа на хирургијата на гастроинтестиналниот тракт, хепатобилијарната и панкреасната хирургија. Дипломирал на Медицинскиот факултет во Скопје во 1982 година, специјализација по општа хирургија завршил во 1990 година, со понатамошна супспецијализација по дигестивна хирургија.
Академската кариера ја развивал како универзитетски професор, учествувајќи во наставата и едукацијата на студенти и специјализанти по хирургија. Проф. д-р Јаневски имаше богато искуство во хирургија на желудник и дебело црево, операции на црн дроб, жолчни патишта и панкреас, третман на малигни заболувања на дигестивниот систем, примена на современи хируршки техники.
Тој е автор и коавтор на повеќе научни трудови објавени во домашни и меѓународни списанија, учесник на бројни конгреси, симпозиуми и стручни состаноци во земјата и во странство и активно вклучен во струкови организации и професионални тела поврзани со хирургијата.
Проф. д-р Јаневски важеше за врвен медицински професионалец кој зад себе остави длабока трага во областа на хирургијата и медицинската едукација. Во текот на својата долгогодишна кариера, тој беше препознаен по својата посветеност кон пациентите, но и по ангажманот во едукацијата на нови генерации лекари. Своето знаење и искуство ги пренесе на бројни млади доктори и хирурзи кои денес работат во рамките на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, како и во повеќе приватни здравствени установи низ државата.





