IN MEMORIAM д-р Антон Дамевски
Со длабока тага ја примивме веста за смртта на нашиот почитуван колега, д-р Антон Дамевски, кој почина на 16 декември 2025 година во Скопје. Д-р Дамевски e роден на 21 февруари 1953 година во Скопје, каде го заврши основното и средното образование, по што својот животен пат го посвети на медицината и грижата за пациентите. Студиите на Медицинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје ги започна во 1971 година, а дипломираше во април 1978 година. По завршувањето на задолжителната воена обука, својата професионална кариера ја започна во Медицинскиот центар во Куманово, а шест месеци работеше и во Психијатриска болница – Скопје.
Од 1981 година па сѐ до 2020 година, неговиот професионален дом беше Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување (КАРИЛ). Во октомври 1984 година се стекна со звање - Д-р специјалист по анестезиологија и реаниматологија. Своето знаење и искуство ги надградуваше и во странство, престојувајќи од јануари до април 1986 година во Rigshospitalet во Копенхаген, Данска, како и во повеќе наврати во болници во Херлев и Свендборг, Данска.
Во текот на својата долгогодишна работа беше раководител на Одделот за интензивно лекување при КАРИЛ во еден мандат, а активно работеше и како анестезиолог во неврохируршката дејност. Од 2000 до 2020 година беше раководител на анестезиолошката служба при Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија. Со својата стручност, смиреност и посветеност остави длабока трага меѓу колегите и пациентите.
На Медицинскиот факултет во Скопје беше избран за асистент по предметот анестезиологија, придонесувајќи во едукацијата на нови генерации лекари. Активно учествуваше на бројни домашни и меѓународни семинари и конгреси, како автор и коавтор на стручни трудови и презентации.
Д-р Антон Дамевски ќе остане запаметен како исклучителен професионалец, почитуван колега и човек со интегритет, кој својот работен век го посвети на развојот на анестезиологијата и интензивното лекување во нашата земја. Неговото дело и придонес ќе продолжат да живеат преку генерациите лекари кои ги обучуваше и инспирираше.
Нека му е вечна слава.





