IN MEMORIAM: Проф. д-р Љубе Глигоровски
Проф. д-р Љубе Глигоровски беше исклучителен лекар, специјалист и професор кој остави неизбришлива трага во македонското здравство.
Роден е во Охрид на 31 мај 1949 година, а дипломирал на Медицинскиот факултет во Скопје во 1974 година. Во февруари 1976 година бил вработен на Клиниката за пулмологија и алергологија, каде што во 1980 година ја завршува специјализацијата по интерна медицина, а во 1985 година докторирал. Неговиот академски пат вклучува избор за асистент во 1977 година и последователно напредување до редовен професор по Интерна медицина во 1995 година. Од 2002 година станува супспецијалист пулмолог-алерголог. Извршувал и раководни функции како директор на Клиниката за пулмологија и алергологија (1999-2000) и раководител на Одделот за интерна медицина. Стручно се усовршувал во повеќе меѓународни центри, вклучувајќи го и Универзитетот Кеио во Токио (1983-1985), со фокус на анализа на гасови и ХОББ. Проф. Глигоровски е автор на над 200 стручни и научни трудови.
Неговата професионална посветеност, човечки пристап и грижата за пациентите ќе останат пример за неговите колеги и идните генерации на доктори. Лекарската комора изразува сочувство до семејството.





