IN MEMORIAM: Д-р Драган Милевски
Д-р Драган Милевски, доктор по општа медицина, беше личност чиј живот беше целосно посветен на здравјето на луѓето од Делчево и Македонска Каменица. За неговата совесност, одговорност и значаен придонес во здравството беше одликуван со највисокото признание на Лекарската комора, Плакетата „Св. Наум Охридски“.
Д-р Милевски од 1994 година, односно по завршувањето на Медицинскиот факултет несебично и со огромна пожртвуваност ја извршуваше својата благородна професија. Неговата грижа не познаваше граници; редовно патуваше на терен, стигнувајќи и до најдалечните и непристапни селски населби, носејќи помош таму каде што беше најпотребна. Тој беше и лекар на рударите во рудникот „Саса“, каде храбро влегуваше и во рударската јама за да помогне при несреќи. Како матичен лекар и во периодот на работа во центарот за дијализа во Делчево, тој покриваше ноќни смени, домашни посети и патуваше како придружник на тешко болни пациенти. Неговата работна етика беше исклучителна, посветена на принципите на медицинската етика и деонтологија.
Д-р Милевски останува пример за генерациите млади лекари – исклучителен професионалец со огромна желба за работа и вистинско знаење за значењето на професијата. Лекарската комора упатува сочувство до семејството.





