IN MEMORIAM Проф. д-р Весна Гривчева Пановска
Проф. д-р Весна Гривчева Пановска беше истакнат професор по дерматологија, посветен лекар и научник чиј животен пат остави неизбришлива трага во македонската медицина.
Родена е во Скопје, на 4 април 1959 година, каде ги завршува првите две години од основно училиште, по што образованието го продолжува во Белград. Своето знаење го градеше со врвни квалификации. Дипломирала на Факултетот за медицина при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, во 1983 година. На истиот Факултет, во декември 1986 година, завршила и специјализацијата во областа на дерматологија. Потоа следеле магистерски студии по алергологија и клиничка имунологија во Белград (1993- 1995) и докторски студии на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (1998 - 2002). Клиничко доусовршување поминала и на Robert Perelman Institute of Dermatology, NYU, New York.
Проф. д-р Гривчева Пановска беше дел од стручниот тим на ЈЗУ Универзитетска клиника за дерматологија, како и редовен професор на Медицинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Исто така, беше и редовен професор и соработник на Медицинскиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.
Проф. д-р Гривчева Пановска ја основаше амбуланта за ретката болест хередитарен ангиоедем (HАЕ), а раководеше и со амбулантско-поликлиничката дејност на Клиниката како и со амбулантата за алергологија и за клиничка имунологија.
Како посветен едукатор, таа беше ментор на студенти на додипломска и специјалистичка настава по предметот дерматовенерогија.
Проф. д-р Гривчева Пановска беше исклучително активна во научноистражувачката работа. Таа учествуваше во голем број на меѓународни научноистражувачки проекти меѓу кои и HAE network со Универзитетот Semmelweis во Будимпешта, HAE QoL со Универзитетот La Paz Madrid, Шпанија, ECOST BM1007 со повеќе европски универзитети. Таа беше и автор на повеќе монографии, научни и стручни трудови.
Беше редовен член на Македонското здружение на дерматовенеролози и Македонското здружение за алергологија и клиничка имунологија. Активно членуваше и во европските здруженија EAACI и ESDAP.
Проф. д-р Весна Гривчева Пановска ќе остане запаметена како врвен професионалец, инспиративен ментор и човек кој несебично го вложуваше своето знаење и енергија за напредокот на медицината и доброто на своите пациенти и колеги. Нејзиниот придонес кон науката и образованието е трајна вредност.





