Лекарска комора организираше брифинг за новинари: Вакцините за ковид-19 се безбедни и ефикасни
Со цел подобро запознавање на новинарите со технологијата на производство на вакцините и нивниот начин на делување и подигнување на јавната свест за важноста на имунизацијата во справување со пандемискиот вирус Sars-CoV-2, Лекарската комора на РСМ организираше он лајн брифинг со претставници на медиумите. На настанот обраќања имаа проф. д-р Александра Грозданова, претседател на Националниот комитет за имунизација и проф. д-р Александар Петличковски од Институтот за имунологија и хумана генетика, а своето искуство со вакцинирањето и со третманот на пациентите кои имаат компликации од ковид-19 го сподели и претседателот на Лекарската комора, проф. д-р Калина Гривчева Старделова.
Грозданова рече дека досега се вакцинирани 75 отсто од здравствените работници.
„Целта на секоја вакцинација е да се намалат морбидитетот и морталитет од одредена болест, а колективен имунитет ќе има кога ќе почне масовната вакцинација. Далеку сме од масовна вакцинација, но го почнуваме процесот, со тоа што прво вакцинацијата почна во модуларната болница во Скопје, сега во здравствените домови, се подготвува салата „Борис Трајковски“, а потоа и теренска вакцинација, за ранливите граѓани, во старските домови и на оние за кои вакциналните пунктови им се недостапни“, рече проф. д-р Грозданова.
Таа го објасни процесот на развојот на вакцините против ковид-19, како и технологиите кои се користат и истакна дека кусото време за развојот на вакцините се должи на тоа што досега многу повеќе се инвестирало во развој на вакцините во научноистражувачката фаза. Таа истакна и дека при производството на лекови, развојот на вакцините е најригорозно-контролиран процес затоа што тие им се даваат на здрави луѓе и се за масовна употреба.
Вакцините на „Фајзер“ и „Модерна“ се произведени од нуклеинските киселини на вирусот, „Новавакс“ од протеинскиот дел на вирусот, „Астра зенека“, „Спутник“ и „Џонсон и Џонсон“ се векторски, а кинеските на „Синофарм“ и „Соновак“ се инкативни.
„Сите вакцини се ефикасни и безбедни. Досега Европската агенција за лекови ги одобри вакцините на „Фајзер“, „Астра зенека“ и „Џонсон и Џонсон“, а ФДА (Американската агенција за лекови) ги одобри вакцините на „Фајзер“, „Астра зенека“, „Џонсон и Џонсон“ и „Модерна“, рече проф. д-р Грозданова.
Во однос на вакцината на „Астра зенека“ таа рече дека тоа е една од најбезбедните вакцини против ковид-19 бидејќи досега е најмногу користена во светот и е најдолго испитувана.
Д-р Александар Петличковски од Институтот за имунологија рече дека ЕУ комплетно потфрли во вакцинирањето и сите ја плаќаме цената што не го прифаќаме брзото вакцинирање.
„Се работи за вакцини кои имаат ефикасност над 90 отсто. Успешноста на вакцината е да елиминира шанса за смрт и тешка болест, што значи дека тие пациенти нема да стигнат до болница, а болниците пак ќе се занимаваат со други патологии. Тоа во Израел е постигнато со вакцинирање на речиси 70 проценти од населението и затоа не треба да се одбива вакцинирањето“, појасни Петличковски.
Околу информациите дека вакцината на „Астра зенека“ кај популација помлада од 60 години привремено ја запреа повеќе европски земји поради појава на случаи со венска тромбоза, Петличковски рече дека овие несакани ефекти по примање на вакцината се многу помали отколку што вакви случаи се јавуваат кај население кое не е вакцинирано.
-Вообичаени несакани ефекти се болка на местото на апликација, зголемена температура, главоболка, замор, особено кај аденовирусните вакцини, а многу ретко венски тромбози и анафилактички реакции. Според информациите што ги имаме, вакви несакани реакции има кај четири до шест лица на милион, за разлика од невакцинираните каде што се десет случаи на милион - рече Петличковски.
Проф. д-р Гривчева-Старделова многу е важно да се разбере дека имунизацијата е начинот како да се победи пандемијата.
„Еден дел од клиниката каде јас работам е всушност ковид-19. Верувајте дека компликациите кои ги гледаме се многу сериозни, дека никој не би сакал да ги доживее. Добро би било да се спречи тешката форма. Имунизацијата не може целосно да го сопре ширењето на вирусот, ќе ги намали случаите на компликации и смртните исходи“, истакна Гривчева - Старделова.