МААР: Препораки за анти-ковид-19 вакцинација на пациенти со автоимуни и инфламаторни ревматски болести
Македонската ревматолошка асоцијација (МААР) изготви документ-упатство на МААР: “Препораки за анти-ковид-19 вакцинација на пациенти со автоимуни и инфламаторни ревматски болести”. Упатството е наменето за матичните доктори, специјалистите по интерна медицина и за ревматолозите во Република Северна Македонија.
„Македонската ревматолошка асоцијација воочуваjќи ја потребата за детално и посеопфатно информирање на докторите и граѓаните околу спроведувањето на вакцинацијата со анти-ковид-19 вакцини, на 24.02.2021 година организираше симпозиум на тема: “Имунизација на пациенти со автоимуни и инфламаторни ревматолошки заболувања”. После дискусија на учесниците на симпозиумот и ревизија на презентираните информации од страна на професори по интерна медицина на Медицински факултет Скопје и на супспецијалистите - ревматолози, сите вработени на Клиника за ревматологија - Скопје, произлезе документ-упатство на МААР: “Препораки за анти-ковид-19 вакцинација на пациенти со автоимуни и инфламаторни ревматски болести”, изјави м-р. сци. мед. д-р Мимоза Николовска Котевска, претседател на МААР.
Во интерес на пациентите со автоимуни и инфламаторни ревматски заболувања, Лекарската комора на својата веб страница го објавува Упатството на МААР со што тоа станува достапно на што повеќе заинтересирани доктори и пациенти. Упатството ќе биде објавено и на новата официјална веб-страница за вакцинација против ковид-19 на Министерството за здравство.
„Македонската ревматолошка асоцијација и понатаму будно ќе ги следи сите нови информации коишто произлегуваат од масовната вакцинација со анти-ковид-19 вакцина во светот и кај нас и се обврзува да врши периодични измени, доколку се наложи согласно нови сознанија“, изјави м-р. сци. мед. д-р Николовска Котевска.