Европски манифест за поттикнување на здравствените работници да се вакцинираат против Ковид-19
Коалицијата за вакцинација на европските здравствени работници објави Манифест со кој ги повикува сите здравствени професионалци да се вакцинираат против Ковид-19.
Лекарската комора на РСМ, како член на еден од лидерите на оваа коалиција - Постојаниот комитет на европски лекари (CPME) - го промовира овој Манифест и ги повикува сите здравствени работници да ги афирмираат неговите клучни поенти.
Манифестот потенцира три клучни причини зошто секој здравствен професионалец веднаш штом добие можност треба да се вакцинира против Ковид-19 и ја апострофира неговата значајна улога во промоција на вакцинирањето помеѓу општата популација:
1.Се штитите од болеста и од можни сериозни живото-загрозувачки компликации
2.Вакцините против Ковид19 се безбедни и ефикасни
3. Помагате за зачувување на капацитетите на здравствениот систем
Коалицијата за вакцинација е формирана во 2019 година од Европската комисија и ги поврзува сите европски асоцијации на здравствени професионалци и релеватни студентски организации. Коалицијата за вакцинација ја водат Постојаниот комитет на европски лекари (CPME), Европската федерација на медицински техничари (EFN) и Фармацевтската група на Европската Унија (PGEU) и има главна цел да обезбеди точни информации за вакцинирањето во јавноста, побивање на митовите и размена на искуства за најдобрата пракса за вакцинирање.