Лекарската комора и изрече јавна опомена и побара да се поведе постапка пред Судот на честа при Лекарската комора на д-р Нина Цаца Билјановска
Извршниот одбор и Комисијата за етички и правни прашања на Лекарската комора на Република Северна Македонија денес одржаа вонредна седница на која се расправаше за етичкиот аспект на однесувањето на д-р Нина Цаца Билјановска, која откако се вратила од Италија, спротивно на препораките, продолжила со извршување на работните задачи и цела недела одела на работа.
Лекарската комора остро ја осудува постапката и однесувањето на д-р Нина Цаца Билјановска, поради тоа што со непочитување на препораките за домашна само изолација, кои важат за сите граѓани кои доаѓаат од високо ризични земји за пренесување на корона вирусот, предизвикала морално-етичка и правна одговорност. Етичките принципи на хуманост и почитување на личноста и животот го обврзуваат докторот на медицина со своето однесување да води грижа, а не да им наштетува на своите колеги и пациенти, како и да биде спремен да преземе одговорност за своето постапување, не само спрема пациентите и колегите, туку и спрема заедницата во целина.
Извршниот одбор и Комисијата за етички и правни прашања на Лекарската комора на Република Северна Македонија, согласно законските прописи и подзаконските акти, донесоа одлука да се изрече јавна опомена на д -р Нина Цаца Билјановска и побараа да се поведе постапка пред Судот на честа при Лекарската комора, кој како единствен независен и надлежен орган на Комората да расправа за одговорноста на лекарите за сторена повреда на Кодексот на медицинската деонтологија.
Лекарската комора уште еднаш апелира до докторите на медицина и до сите здравствени работници да се однесуваат како што доликува на докторската професија професионално, одговорно и разумно, како и во целост да ги почитуваат дадените препораки, упатства и насоки од Владата на Република Северна Македонија со цел да се заштити здравјето на граѓаните.
Лекарска комора на Република Северна Македонија