ДОКТОРИТЕ НИЗ УМЕТНОСТА: Разговор со спец. д-р Ѓорги Паскалов, музичар
Медицината и музиката - симбиоза за лекување на душата и на телото
Д-р Паскалов, за медицинската фела Вие сте почитуван педијатар, но исто така активно свирите усна хармоника. Како се развиваше овој „дуализам“ низ годините - дали музиката беше тука пред медицината или се појави како неопходен контрапункт?
Музиката е дел од мене целиот мој живот. Започнав со нижо музичко училиште, што успешно го завршив, со силно уверување дека тоа ќе биде мојата животна професија, гледајќи се себеси како професионален музичар. Всушност, моите планови беа да студирам на Џез-академијата во Софија, но кога отидов таму се соочив со реалност дека го немам потребното ниво на подготвеност, споредено со другите кандидати, иако покрај музичкото училиште каде што свирев клавир, аматерски свирев и гитара во различни бендови. Така професионалниот пат го продолжив во друга насока. Медицината некако се наметна природно, имајќи предвид дека таа секогаш беше моето окружување, како трета генерација на доктори во семејството. Но иако професионално се насочив кон медицината, сепак продолжив аматерски да се занимавам со музика. Свирам и настапувам со моите пријатели кои се професионални музичари и со нивна помош и поддршка, десетина години музички се изразувам преку усна хармоника.
Што Ве привлече кај блузот, како музички жанр, и колку кај нас има блуз- публика? Дали сте задоволни од посетеноста на блуз-фестивалот што го организирате?
Моите почетоци се како аматер на фестивалот „Блуз и соул“, а блузот дојде спонтано. Како помлади сите сме рокери, но со созревањето секој си го наоѓа правецот што најмногу му одговара, што за мене е блузот. Пливајќи во тој музички свет, иницирав и формирање на Здружение на блуз-музичари. Идејата настана како моја желба за обединување на сите блуз-музичари, така и го крстивме „Блуз фамилија“. Денес имаме наш интернационален фестивал на кој сме многу горди. „Котон блуз фестивалот“, почнувајќи од 2019 година, успешно го организираме седум години по ред. Радува тоа што секоја година настанот привлекува сè поголем број музичари и публика, минатата година се бараше карта повеќе. Фестивалот се одржува во ноември, а лани содржински го збогативме со организирање и на ликовна колонија. Покрај домашните музички бендови, секогаш имаме гости од Америка, од Велика Британија и од други европски држави. Кога не е фестивалот, повремено на сцена настапувам со моите пријатели, но свирењето е составен дел од мојот секојдневен живот.
Многумина велат дека медицината е уметност на лекувањето. Гледате ли на партитурите и на медицинските протоколи како на слични структури што бараат дисциплина, но и интуиција?
Многумина велат дека медицината е уметност на лекувањето, но таа уметност не е апстрактна – таа е длабоко втемелена во структурата. Ако ги погледнеме медицинските протоколи и музичките партитури, ќе забележиме дека и двете се визуелен приказ на редот. Како што нотите на листот му диктираат на музичарот ритам, темпо и висина, така и протоколите му даваат на лекарот сигурна патека по која треба да се движи.
Но, и во двете сфери, дисциплината е само почеток. Како што врвниот пијанист не само што ги „чита“ нотите, туку им дава душа преку својата интуиција, така и успешниот лекар во протоколот гледа рамка, додека во пациентот гледа жив систем кој бара емпатија и индивидуален пристап. Вистинското мајсторство лежи во способноста да се препознае кога треба строго да се следи „записот“, а кога интуицијата треба да преземе водство за да се спаси живот. Во овој контекст, во медицината и во музиката нема место за компромис. Една погрешно отсвирена нота може да ја наруши хармонијата на целото дело, но една грешка во лекувањето може да има многу посериозни последици. Затоа, самокритичноста е клучниот механизам на напредокот. Професионалецот кој се стреми кон извонредност постојано го преиспитува секој свој потег, свесен за одговорноста што ја носи.
На крајот, и лекарот и музичарот примарно му служат на човекот. Музичарот го лекува духот, а лекарот телото, но и двајцата мораат да тргнат од премисата дека го третираат човекот во неговата целост, а не само неговата болест. Овој пристап, изграден врз знаење, строга дисциплина и длабока хуманост, со текот на времето создава успех кој заедницата не само што го препознава, туку искрено го вреднува и го почитува.

Педијатријата е специфична гранка каде што емпатијата и пристапот до детето се клучни. Вашата ординација прослави 12 години успешна работа. Што е потребно за да се биде добар педијатар?
Првично мојата желба беше да специјализирам психијатрија, но некако се отворија патиштата во друга насока, а тоа беше педијатријата. Како студент многу емотивно го доживував лекувањето на децата, кои се посебно ранлива категорија, и мислев дека едноставно нема да можам да ги лекувам, дека ќе се скршам. Но сепак, кога почнав да работам како педијатар, тоа целосно ме обзеде и сега би рекол дека никогаш не би работел нешто друго. Иако во некои моменти навистина длабоко емотивно ме погодува што им се случува, сепак желбата да им помогнам ме издигнува над таа болка. Да се биде добар педијатар, освен желба, потребна е и добра околина.Тоа значи дека не би бил добар педијатар без мојот тим на доктори и медицински сестри, како и без Клиниката за детски болести, каде што ја завршив специјализацијата. Добар музичар не би бил без моите пријатели од „Блуз фамилија“. Неизмерно сум им благодарен и на едните и на другите, кои веруваа во мене и кога јас се сомневав.
Лекарската професија носи огромен стрес и одговорност. Дали хармониката е вашиот лек по напорниот ден? Дали креативниот занес во создавањето музика Ви помага да бидете пофокусиран дијагностичар?
Лекарската професија е благородна, но таа носи товар што малкумина можат вистински да го разберат. Секој работен ден е исполнет со одлуки кои имаат огромна тежина, со туѓи судбини и со постојан стрес. Во такви околности, хармониката за мене не е само хоби, таа е егзистенцијална потреба и лек. Интересно е што и медицината и музиката бараат доживотно учење. Но, додека во медицината секое ново знаење е насочено кон одговорноста за другиот, истражувањето на хармониката е патување кон себеси. Тоа е мојот личен простор во кој секојдневно откривам нови нијанси на сопствениот дух. Музиката има неверојатна моќ да ги „нивелира“ емоциите и да делуваат како вентил. Во медицината често се соочуваме со тешката тишина на чекањето и надежта. На хармониката, јас го избирам звукот што ќе ја пополни таа тишина. Таа рамнотежа ме прави подобар лекар, бидејќи ме враќа кај моите пациенти со обновена енергија и мир. За оваа поврзаност не бев свесен до пред некоја година. Но кога се доаѓа до ниво, на работа да се чувствуваш како дома, кога ќе заврши работното време уметничкиот ум бара креација. Двата дома почнуваш да ги двоиш со тоа што во едниот си и креативен, во другиот доволно исполнет за да функционираш добро.
Како реагираат Вашите колеги кога ќе Ве видат на сцена? Сметате ли дека на лекарите во Македонија им недостигаат повеќе вакви „издувни вентили“ и поактивна поддршка на нивните вонпрофесионални таленти?
Интеракцијата со колегите е одична, но особено ме радува тоа што во нашата земја има посветена и пасионирана блуз-публика. Докторите имаат и други издувни вентили покрај музиката, веројатно најголем дел одбираат некој спортот за рекреација. Но она што недостига е повеќе слободно време што ќе може да се искористи за активности кои ја хранат душата и нѐ полнат со позитивна енергија.
Ако треба да компонирате дело посветено на македонското здравство и на Вашите колеги кои секојдневно се борат за здравјето на децата, каков би бил неговиот ритам – брзо престисимо или смирено адаџо?
Ритамот во едно здравствено окружување, особено каде што се лекуваат деца, амбуланта, болница, клиника, дефинитивно треба да биде смирен, бидејќи таквата атмосфера дава најдобри услови за работа и влева сигурност кај пациентите. Но во наши услови, повеќе би рекол дека ритамот е многу променлив и често ја менува својата динамика. „Четирите годишни времиња“ на Вивалди веројатно најдобро ја опишува ритмичноста на нашата професија.
За крај, што би им порачале на младите специјализанти кои во трката по знаење и кариера често ги забораваат своите хобија и страсти? Може ли да се биде врвен доктор без да се негува сопствениот дух преку уметноста, спортот или нешто слично?
Имав само 29 години кога по завршување на специјализацијата ја отворив поликлиниката што и денеска успешно работи со тројца педијатри и три медицински сестри. Навистина беше тешко да се успее, вложив многу посветеност и труд. Младите доктори нека го дадат максимумот од себе во професијата додека ја постигнат целта, а креативноста ќе си најде свое ќоше каде што ќе биде послободна и ќе дава континуирана поддршка.





