Разговор со проф. д-р Игор Тулевски, кардиолог
Комбинација на балканска креативност и холандска дисциплина е мојата тајна формула
Во овој број на Vox Medici ја раскажуваме приказната на проф. д-р Игор Тулевски, кој својата професионална кариера ја гради во Холандија, но во континуитет одржува и блиска соработка со колегите од нашата земја и од регионот.
Поголем дел од Вашата кариера ја поминавте во Холандија, каде што и докториравте и изградивте импресивна кариера. Која беше причината да заминете и се соочивте ли со предизвици при интеграцијата во новиот систем, дали тоа што доаѓате од Балканот беше предност или недостаток?
Мојот пат од амфитеатрите на УКИМ до Универзитетот во Амстердам (The University of Amsterdam -UvA) не беше планиран како бегство, туку како потрага по знаење и систем кој дозволува брза имплементација на идеи. Скопје ми ги даде цврстите основи и балканскиот инстинкт за преживување и импровизација, но Амстердам ми ја понуди структурата.
Што се однесува до интеграцијата, доаѓањето од Балканот на почетокот е секогаш предизвик бидејќи мора да се докажувате двојно повеќе за да стекнете доверба. Но, штом ќе го поминете тој праг, тоа станува огромна предност. Ние имаме способност да гледаме „надвор од кутијата“ (out of the box) и сме порезистентни на стрес. Таа комбинација на балканска креативност и холандска дисциплина е мојата тајна формула.
Ја одбравте кардиологијата како ваша специјалност, но што е поле на ваш потесен интерес и како дојде до формирање на Кардиолошкитe центpи на Холандија? Што е карактеристично за овиe центри и што го издвојува од останатите здравствени установи од овој тип?
Кардиологијата ја одбрав затоа што е егзактна – спој на физика, техника и емоција. Кардиолошкитe центpи на Холандија (Cardiology Centers of The Netherlands - CCN) се родиja во 2006 година од една едноставна фрустрација: зошто пациентот мора да чека со месеци за преглед во големите, троми болнички системи?
Започнавме со една клиника во Амстердам со визија за „кардиологија со човечко лице“. Она што го издвојува CCN, а сега веќе и во 12 центри, е ефикасноста. Кај нас нема листи на чекање, пациентот ги прави сите дијагностички процедури (ЕКГ, ехо, ергометрија, ЦТ-скан итн.) во еден до два часа и веднаш добива резултат и план за лекување. Го извадивме „мирисот на болница“ и го заменивме со врвна технологија и гостопримство.
Кои добри практики од Холандија би можеле да дадат резултати доколку се применат и кај нас?
Најголемата лекција е ефикасноста преку организираност. Холанѓаните не работат повеќе, туку работат попаметно. Моделот на децентрализација – каде што специјалистичката грижа се сели поблиску до домот на пациентот, наместо пациентот да се губи во ходниците на огромните клинички центри – е нешто што би дало фантастични резултати во Македонија. Треба да престанеме да градиме само „ѕидови“ и да почнеме да градиме „процеси“.
Низ годините наназад одржувате редовна професионална комуникација со колегите од Македонија и од регионот, како визитинг професор на Медицинскиот факултет во Скопје и онлајн консултант во Кардиолошкиот центар во Србија. Што е основната идеја на овие соработки и кои се вашите идни планови на ова поле, дали можеби е возможно отворање на кардиолошки центар и во Македонија, по примерот на тој во Холандија?
Мојата врска со Македонија е емотивна, но и професионална должност. Како визитинг професор и консултант, мојата цел е „трансфер на знаење“. Идејата е да го донесеме највисокиот стандард дома.
Дали е можно отворање на центар по примерот на CCN во Македонија? Апсолутно да. Всушност, тоа е еден од моите стратешки планови. Македонија заслужува модел каде дигиталната медицина и брзата дијагностика ќе го растоварат државниот систем и ќе им овозможат на луѓето третман каков што имаат во Холандија, во Канада, во Србија и наскоро во Полска и во Италија.
Можете ли да споделите случај од Вашата пракса кој бил пресвртница во Вашиот начин на размислување? Ситуација каде медицинската литература велела едно, а Вашиот инстинкт и искуство наложиле друго?
Имав случај со млад пациент со неспецифични симптоми, кои според сите протоколи не укажуваа на коронарна болест. Литературата велеше „следење“, но нешто во неговата анамнеза и мојот внатрешен глас ми велеше дека не смееме да чекаме. Инсистирав на итна коронарографија и најдовме критично стеснување на главното стебло. Тој ден научив дека пациентот не е бројка во статистичка табела. Литературата е мапа, но инстинктот е компасот што ве води кога мапата е нејасна.
Како ја градите новата генерација кардиолози? Која е онаа вештина (soft skill) која не се учи на факултет, а е клучна за еден врвен кардиолог и има ли разлика меѓу студентите во Македонија и во Холандија?
На студентите им велам: „Апаратот ќе ја заврши техничката работа, но вие мора да ја завршите човечката“. Клучната вештина е емпатично слушање. Кардиологот мора да знае да го „прочита“ стравот во очите на пациентот, а тоа не се учи во учебник.
Разликата? Холандските студенти се фокусирани на баланс помеѓу работата и животот и строги процедури. Македонските студенти сè уште имаат поголем „глад“ за докажување и поголема флексибилност во размислувањето, што е одлична основа за врвни лекари доколку им се дадат вистинските алатки.
Како ја гледате интеграцијата на вештачката интелигенција во анализата на срцевиот имиџинг (MRI/CT) во рамките на Вашата работа? Дали ВИ ќе стане „третото око“ на кардиологот?
ВИ во имиџингот (MRI/CT) не е закана, туку најдобриот асистент што некогаш сме го имале. ВИ може да анализира илјадници слики за секунда без да се замори или да му падне концентрацијата. Таа е нашето „дигитално трето око“, кое ги забележува најситните промени. Тоа ми овозможува мене, како доктор, да го потрошам моето време на разговор со пациентот, додека алгоритмот ја врши тешката математика.
Како активен кардиолог со огромно меѓународно искуство, како гледате на балансот помеѓу транскатетерските процедури (TAVI, Mitraclip) и класичната кардиохирургија? Дали одиме кон ера во која скалпелот ќе биде исклучок, а не правило?
Иднината е минимално инвазивна. Како кардиолог, сведок сум како процедурите како TAVI и MitraClip ја трансформираат медицината. Одиме кон ера каде што отворањето на градниот кош ќе биде резервирано само за ретки случаи. Скалпелот полека станува „план Б“, додека катетерот е новиот стандард. Тоа значи побрзо закрепнување и помалку трауми за пациентот.
Дали превентивната кардиологија наоѓа соодветна примена, бидејќи и покрај напредната технологија, кардиоваскуларните болести сè уште се убиец број еден?
Кардиоваскуларните болести се убиец број еден затоа што ние како општество сме добри во лекувањето на последиците, но лоши во менувањето на навиките. Технологијата не може да ги замени движењето и здравата исхрана. Превентивата мора да стане „дигитална“ – преку апликации и постојан мониторинг (како нашиот систем Hartwacht) да го поттикнеме пациентот да преземе одговорност за своето здравје пред да биде предоцна.
Колку се важни телемедицината и меѓународниот конзилиум во денешно време, и дали и на кој начин може да се намали притисокот од недостигот на доктори?
Телемедицината не е само „разговор на екран“, тоа е мониторинг во реално време. Преку Hartwacht, ние докажавме дека можеме да ги држиме пациентите надвор од болниците и да ги спасуваме пред да се случи инфаркт.
Меѓународниот конзилиум преку дигитални платформи е клучот за земји како Македонија – нема потреба пациентот да патува во странство за мислење, кога податоците можат да патуваат. Тоа е единствениот начин да се намали притисокот врз докторите и да се демократизира врвната здравствена заштита.





