ПРЕДНОСТИ НА ДИГИТАЛИЗАЦИЈАТА ЗА СКЛАДИРАЊЕ, АРХИВИРАЊЕ И ДИСТРИБУЦИЈА НА МЕДИЦИНСКИ СЛИКИ
Национален PACS/RIS систем: Клуч за ефикасна и достапна радиолошка дијагностика
Радиолошката дијагностика претставува една од најзначајните дијагностички дисциплини во современата медицина, со суштинско влијание врз клиничкото одлучување, врз планирањето на терапијата и следењето на исходот кај пациентите. Во последните децении, развојот на напредни радиолошки методи, како што се компјутерска томографија (КТ) и магнетна резонанца (МР), значително го зголеми обемот и комплексноста на радиолошките испитувања, како и очекувањата за нивна навремена и прецизна интерпретација.
Паралелно со технолошкиот напредок, здравствените системи сè почесто се соочуваат со ограничени човечки ресурси, зголемено оптоварување на медицинскиот кадар и растечки очекувања од пациентите за брза и квалитетна здравствена услуга. Во такви услови, оптимизацијата на радиолошкото толкување не претставува само прашање на индивидуална стручност и искуство на радиологот, туку системски предизвик што бара соодветни организациски и технолошки решенија.
Современите информатички решенија во радиологијата се наметнуваат како клучен предуслов за надминување на постоечките системски ограничувања. PACS (Picture Archiving and Communication System) претставува дигитален систем за складирање, архивирање и дистрибуција на медицински слики, кој овозможува безбеден и брз пристап до радиолошките испитувања независно од физичката локација, додека RIS (Radiology Information System) е информатички систем наменет за управување со радиолошкиот работен процес, вклучувајќи закажување прегледи, обработка на административни податоци, интеграција на клинички информации и генерирање на радиолошки извештаи.
Интегрираното користење на овие системи создава основа за поефикасна организација на радиолошките служби, подобра координација меѓу здравствените установи и унапредувањето на квалитетот и достапноста на радиолошката дијагностика на национално ниво.
Актуелна состојба на радиолошките услуги во Република Северна Македонија
Радиолошките служби во Република Северна Македонија се карактеризираат со изразена нерамномерна распределба на човечките и техничките ресурси, што директно влијае врз квалитетот, навременоста и достапноста на дијагностичките услуги. Иако во изминатите години е забележан одреден напредок во дигитализацијата и модернизацијата на радиолошката опрема, организацијата на радиолошката работа во најголем дел останува локално ограничена и институционално фрагментирана.
Во поголемите урбани центри, особено во Скопје и дел од регионалните болници, радиолозите се соочуваат со значително зголемен обем на работа. Во секојдневната клиничка пракса, еден радиолог во вакви установи често интерпретира и до 40 - 60 радиографски испитувања во текот на една работната смена, покрај редовното учество во компјутеризирана томографија, магнетна резонанца, мамографија, ултразвучни и други специјализирани дијагностички процедури. Ова оптоварување создава услови за професионален замор, зголемен психофизички стрес и потенцијално зголемување на ризикот од дијагностички пропусти.
Наспроти ова, во помалите градови и рурални средини, како што се Пехчево, Делчево Македонски Брод, Демир Хисар, Валандово, Крушево и други, обемот на радиолошки испитувања е значително помал. Во овие средини, дневниот број на класични радиографии најчесто се движи помеѓу 10 и 15, а во одредени денови и помалку, што резултира со недоволна искористеност на постоечкиот радиолошки кадар и опрема. Ваквата состојба укажува на постоење на системска неефикасност, каде што истовремено постојат преоптоварени и недоволно искористени ресурси.
Дополнителен организациски проблем претставува ограничениот пристап до претходни радиолошки испитувања и комплетната дијагностичка историја на пациентите. Во отсуство на национално-интегриран систем за споделување на радиолошки податоци, радиолозите често немаат можност за споредба со претходни снимки направени во друга здравствена установа, што може да влијае врз точноста на интерпретацијата и следењето на динамиката на болеста.
Иако во јавниот здравствен систем постои платформата „Мој термин“, преку која се обезбедува увид во дел од медицинската документација и извештаите, пристапот до оригиналните радиолошки слики е ограничен и најчесто зависи од локалните информатички решенија на поединечните установи. Ова дополнително ја нагласува потребата од централизирано и стандардизирано решение што ќе овозможи континуиран, безбеден и унифициран пристап до радиолошките податоци на национално ниво.
Во вакви услови, постојниот модел на работа не овозможува оптимално искористување на радиолошкиот потенцијал во државата, ниту пак обезбедува рамномерна достапност на радиолошките услуги за сите пациенти, независно од нивната географска локација. Овие предизвици јасно укажуваат на потребата од системска реорганизација и воведување на национално интегрирано информатичко решение кое ќе овозможи подобра распределба на работниот товар, поголема ефикасност и повисок квалитет на радиолошката дијагностика.

Концепт на национален клауд-базиран PACS/RIS систем
Воспоставувањето на национален клауд-базиран PACS/RIS систем претставува логичен и неопходен чекор кон надминување на постоечките организациски и технолошки ограничувања во радиолошката дијагностика во Република Северна Македонија. Основната цел на ваквиот систем е создавање на централизирана, безбедна и стандардизирана платформа преку која сите радиолошки испитувања, независно од локацијата на нивното изведување, ќе бидат достапни за овластен медицински персонал во реално време.
Концептот се заснова на интеграција на PACS и RIS во единствен национален информатички екосистем, хостиран во клауд-инфраструктура што овозможува висока достапност, стабилност и сигурност на податоците. Со ваков пристап, радиолошките слики и дополнителната медицинска документација не се врзани за физички сервери во поединечни здравствени установи, туку се складираат и управуваат централно, со можност за контролиран пристап од која било локација.
Од организациски аспект, националниот PACS/RIS систем овозможува рамномерна дистрибуција на радиолошкиот товар. Радиолозите од помалите градови и установи, со понизок дневен обем на работа, би можеле активно да се вклучат во интерпретацијата на испитувања извршени во поголемите центри, со што би се намалило оптоварувањето на радиолозите во урбаните средини и би се зголемила вкупната продуктивност на системот. Овој модел овозможува оптимално искористување на постоечките човечки ресурси, без потреба од нивна физичка релокација.
Клауд-базираниот пристап, исто така, овозможува континуитет во работата на радиолошките служби во услови на отсуство, боледување или недостиг на специјализиран кадар. Во вакви ситуации, испитувањата може да бидат пренасочени кон други овластени радиолози, во рамки на системот, без одложување во изработката на радиолошките извештаи и без негативно влијание врз пациентите.
Од клинички аспект, националниот PACS/RIS систем обезбедува целосен увид во радиолошката историја на пациентот, вклучувајќи претходни испитувања извршени во различни здравствени установи. Ова овозможува споредбена анализа, подобро следење на динамиката на болеста и поквалитетна клиничка интерпретација, особено кај хронични и онколошки пациенти. Дополнително, достапноста на сликите и извештаите во реално време го олеснува мултидисциплинарниот пристап и консултациите меѓу различни специјалности.
Важен сегмент на концептот е стандардизацијата на податоците и работните процеси. Националниот PACS/RIS систем треба да биде усогласен со меѓународно прифатените стандарди за размена и обработка на медицински податоци, со цел да се обезбеди интероперабилност меѓу различни уреди, софтверски решенија и здравствени установи.
Во тој контекст, DICOM (Digital Imaging and Communications in Medicine) претставува глобално прифатен стандард за формат и размена на медицински слики што овозможува унифицирано складирање, пренос и преглед на радиолошките испитувања, независно од производителот на медицинската опрема или од софтверот.
Паралелно, HL7 (Health Level Seven) е стандард за електронска размена на клинички и административни податоци кој овозможува комуникација помеѓу различни информатички системи во здравството, вклучувајќи закажување на прегледи, податоци за пациентот, наоди и извештаи. Усогласеноста со овие стандарди претставува предуслов за функционална интеграција на PACS и RIS со другите национални здравствени информатички платформи.
Од аспект на безбедност и заштита на личните податоци, клауд-базираниот PACS/RIS систем мора да обезбеди високо ниво на сигурност, преку јасно дефинирани нивоа на кориснички пристап, автентикација и авторизација на медицинскиот персонал, како и детално евидентирање на сите активности во системот. Усогласеноста со релевантните национални регулативи и европските стандарди за заштита на личните податоци претставува суштински предуслов за доверба и долгорочна одржливост на системот.
Конечно, ваквиот концепт создава основа за понатамошен развој и надградба на радиолошките услуги, вклучувајќи воведување на телерадиологија, алатки за поддршка на клиничкото одлучување и идни примени на вештачка интелигенција во радиологијата. Со тоа, националниот клауд-базиран PACS/RIS систем не претставува само техничко решение, туку стратешка инвестиција во квалитетот, ефикасноста и одржливоста на здравствениот систем.
Практичен пример и know-how: Здравствен дом Скопје
Еден од светлите примери за дигитализација на радиолошката дијагностика во Македонија е Здравствениот дом Скопје кој ги интегрира своите радиолошки испитувања од седум локации – Ѓорче Петров, Чаир, Идадија, Јане Сандански, Букурешт, Бит Пазар и Сарај – во единствен PACS (Picture Archiving and Communication System) систем хостиран на клауд-платформа.
Со ваквиот пристап, радиолозите и овластените медицински лица имаат можност да ги прегледуваат снимките на пациентите во реално време, независно од физичката локација на снимката. Дополнително, системот овозможува пристап до претходни снимки извршени под истиот матичен број на пациентот, што значително го олеснува споредувањето и следењето на клиничката динамика на болеста.
Овој модел овозможува:
• Зголемена продуктивност: Радиолозите можат да се концентрираат на интерпретација на испитувањата, наместо на логистичко пренесување и архивирање на слики.
• Редукција на времето на чекање: Пациентите добиваат резултати побрзо, дури и во услови на отсуство на одреден радиолог.
• Подобра распределба на работниот товар: Испитувањата од различни локации можат да се обработуваат рамномерно, спречувајќи преоптовареност на поединечни радиолози.
Практично, во Здравствениот дом Скопје се користи PACS за складирање и преглед на снимки и платформата „Мој термин“ за увид во здравствената документација и извештаите од прегледи. Иако нема имплементација на RIS и HL7 стандарди, ова решение покажува дека дури и со постоечкиот софтвер и инфраструктура може да се обезбеди значително подобрување во достапноста и продуктивноста на радиолошките услуги.
Искуството од Здравствениот дом Скопје покажува дека:
1. Централизираното складирање на радиолошки снимки овозможува континуитет во дијагностиката.
2. Достапноста до претходни испитувања ја подобрува точноста и сигурноста на радиолошкото толкување.
3. Радиолошкиот кадар може флексибилно да се искористи, независно од физичката локација.
Овој модел претставува солидна основа за понатамошна надградба, вклучително и интеграција на приватните здравствени установи, со цел создавање на комплетна унифицирана национална база на радиолошки испитувања.
Заклучок и предизвици
Радиолошката дијагностика во Република Северна Македонија се соочува со системски предизвици што директно влијаат на квалитетот, навременоста и достапноста на дијагностичките услуги, со потенцијално негативно влијание врз клиничките одлуки и исходите кај пациентите.
Имплементацијата на национален PACS/RIS систем претставува рационално решение за надминување на овие предизвици. Таквиот систем овозможува централизирано складирање, контролиран пристап до сликите и извештаите, рамномерна распределба на работниот товар меѓу радиолозите и континуитет во работата, дури и при отсуство на дел од кадарот. Достапноста до претходни испитувања и целосната радиолошка историја на пациентот овозможува подобро следење на клиничката динамика, споредбена анализа и мултидисциплинарен пристап во дијагностиката.
Практичната примена на ваков модел во Здравствениот дом Скопје покажува дека дури и со постоечкиот PACS и платформата „Мој термин“ може да се постигне значително подобрување на продуктивноста, намалување на времето на чекање и поефикасно искористување на радиолозите.
Сепак, воспоставувањето и одржувањето на национален PACS/RIS систем се соочува со неколку реални предизвици:
1. Мотивација на кадарот: Радиолозите од помалите установи со денешен низок обем на работа може да не бидат веднаш мотивирани за поголем обем, додека радиолозите од големите центри се веќе оптоварени.
2. Финансиски предизвици: Набавка на нови сервери, модернизација на РТГ, КТ и МР кабинети, лиценци за софтвер и одржување на клауд-инфраструктурата бараат значајни инвестиции.
3. Техничка подготовка и инфраструктура: Потребна е стабилна мрежна инфраструктура, резервни сервери, безбедносни системи за заштита на податоците и техничка поддршка за сите здравствени установи.
4. Обука и стручна поддршка: Воведувањето на нови технологии бара континуирана едукација на радиолозите, медицинските техничари и IT кадарот, со цел оптимално користење на системот и минимизирање на грешки.
5. Регулаторни и правни предизвици: Усогласување со национални закони и европски стандарди за заштита на личните податоци, дигитална евиденција, архивирање и пристап до податоците е неопходно за доверба и долгорочна одржливост.
6. Културни и организациски предизвици: Промена на навиките кај персоналот, отпор кон нови технологии и централизирани системи бара ефективна комуникација, објаснување на придобивките и постепена имплементација.
За успешно справување со овие предизвици, препорачливо е:
• Постепена имплементација на национален PACS/RIS систем, почнувајќи со најголемите центри и полека вклучување на помалите установи.
• Воведување на систем за финансиска и професионална мотивација на радиолозите, со признавање на дополнителниот труд и можности за професионален развој.
• Континуирана обука и техничка поддршка за целиот персонал, со фокус на оптимално користење на системот.
• Усогласување со меѓународни стандарди (DICOM, HL7) и национални регулативи за заштита на податоците.
• Вклучување на приватниот сектор, за комплетна и унифицирана национална база на радиолошки испитувања.
Заклучно, националниот PACS/RIS систем не претставува само техничко решение, туку стратешка инвестиција што овозможува подобрување на продуктивноста, квалитетот и ефикасноста на радиолошката дијагностика, рамномерна распределба на кадарот и обезбедување правична и навремена здравствена грижа за сите пациенти во државата.
Подготви:
спец. д-р Миралем Јукиќ





