Собрание на Лекарска комора: Усвоен годишен извештај за работата и изгласани измени на неколку правилници
Лекарска комора го одржа четвртото годишното Собрание на кое беше презентиран годишниот извештај за работата на Комората и беа разгледани и усвоени повеќе подзаконски и други правни акти.
Извештајот го презентираше претседателката на Комората, проф. д-р Калина Гривчева Старделова, која информираше за законските измени што се направени на иницијатива на Комората, а се во насока на подобрување на условите за работа на докторите и унапредување на здравствениот систем како што се либерализација во вршењето на дополнителна дејност, можноста за останување во редовен работен однос до навршување на возраст од 67 години во поедноставена постапка без за тоа да мора да добијат посебна согласност од директорот на здравствената установа и од Министерството за здравство, како и поедноставување на процедурата за доделување концесија за користење простор и опрема за матичните лекари.
Таа се осврна и на активностите што се преземени во рамките на работата на органите и телата на Комората, а кои произлегуваат од нејзините надлежности дефинирани со Законот за здравствена заштита, поврзани со издавањето на лиценци, организацијата на полагањето на стручен испит, водење на Регистарот на издадени, обновени, продолжени и одземени лиценци, акредитација на настаните од континуираната медицинска едукација, стручен надзор.
Во презентацијата на годишниот извештај претседателката на Комората стави акцент и на меѓународната активност и учество на настаните на ЗЕВА и Постојаниот комитет на европски доктори (CPME) преку кои докторите од нашата земја разменуваат искуство и знаење со колегите од другите европски држави и стануваат дел од глобалните иницијативи. Проф. д-р Старделова Гривчева се осврна и на другите иницијативи кои Комората ги презема во периодот меѓу две собранија, како што подигнување на свеста за проблемот со насилството врз докторите, промоција на вакцинацијата, унапредување на соработката со здруженијата на пациенти.
На Собранието беа усвоени измени на три правилници, а се донесе и еден нов правилник.
Измените и дополнувањата на Правилникот за програмата за дополнителна обука и проверка на стручните знаења и способности на здравствени работници со високо образование се однесуваат на условите и роковите за спроведување на дополнителна обука на доктори кои имаат привремено одземена лиценца, докторите кои го пропуштиле рок за обновување на лиценцата, докторите кои не се стекнале со лиценца по истекот на законскиот рок, како и оние кои се странски државјани.
Измените и дополнувања на Правилникот за начинот на издавање, продолжување, обновување и одземање на лиценцата за работа на здравствените работници од областа на медицината се насочени кон подобрување на процесот на издавање и управување со лиценците за докторите на медицина, особено за странски државјани и обезбедување на појасни процедури за издавање на дупликати, исправки и промени на лични податоци.
Беше донесен и нов Правилникот за составот на испитната комисија, начинот на полагање на стручниот испит, начинот на проверката на стручните знаења и вештини и обрасците на уверението за положен стручен испит на здравствените работници со високо образование од областа на медицината. Со Правилникот се утврдуваат основните правила и процедури што треба да се следат при полагањето на стручниот испит.
Овие правилници ќе стапат на сила откако ќе бидат одобрени од Министерството за здравство и ќе бидат објавени во Службен весник на РСМ.
Беа усвоени и измени на Правилникот за стручен надзор над стручната работа на здравствените установи и здравствените работници со кои се усогласаат процедурите и правила во вршењето на стручен надзор над здравствените установи и здравствените работници, а се и подобрува ефикасноста и правичноста на процесот. Овие измени се подготвени со цел да се одговори на тековните потреби на здравствените институции, здравствените работници и пациентите, а истовремено се создава појасна правна рамка која ќе овозможи поефективно функционирање на системот за стручен надзор.
Пред членовите на Собранието беше презентиран и извештај од Надзорниот одбор на Комората за материјално финансиското работење на ЛКРСМ за 2023 година и Предлог – одлука за усвојување на годишната пресметка на Комората за 2023 година, со Извештај за финансиското работење и Предлог – одлука за усвојување на финансиски план за Комората за 2024 година. Собранието ги усвои правните акти со кои се регулира финансиското работење на Комората.