Недела за безбедна употреба на лекови
MedSafetyWeek: Половина од несаканите реакции од лековите може да се спречат
Лекарска комора се приклучува кон одбележувањето на Неделата за безбедна употреба на лековите – MedSafetyWeek што оваа година се организира од 6 до 10 ноември со цел подигнување на свеста за важноста и значењето на пријавувањето на несаканите реакции од лековите и промоција на нивна безбедна употреба.
Носител на овие активностите на национално ниво во нашата земја е Агенцијата за лекови и медицински средства (МАЛМЕД), заедно со бројни значајни чинители во здравствениот систем, а иницијатива на глобално ниво ја предводи Упсала мониторинг центарот при Светската здравствена организација.
Темата на годинешната кампања на #MedSafetyWeek е „Важноста од користење на лековите на правилен начин за да се спречат несаканите реакции и да се пријават несаканите реакции доколку тие се појават“.
Половина од несаканите реакции од лековите може да се спречат
Превенирањето на несаканите реакции и нивното спречување може да ги поштеди пациентите од значителни страдања како и да ги намали здравствените трошоци.
Ги потсетуваме здравствените работници за значењето на рационалната примена на лековите и ги поттикнуваме заедно со пациентите да го пријават секој сомнеж за несакана реакција од лековите.
Дополнително, пријавувањето на несаканите реакции од лековите може да упатат на постоење нова, претходно неутврдена, несакана реакција за одреден лек, да потврдат променета фреквенција на појавување на веќе утврдена несакана реакција од одреден лек, идентификување на несакана реакција која се јавува само кај одредена популација на пациенти, откривање на интеракции, потенцијални медицински грешки, злоупотреба, погрешна употреба итн. Врз база на евидентираните податоци и идентификување на новите сознанија поврзани со безбедноста на лековите, Агенцијата за лекови и медицински средства (МАЛМЕД) може да преземе мерки со кои ќе обезбеди сигурност дека лекот ќе биде користен на начин со кој се минимизира ризикот и се потенцира користа од истиот.