06.03.2024
06.03.2024
Средба со претставници на ФЗО за имплементација на Законот за здравствено осигурување
Имплементација на Законот за здравствено осигурување беше во фокусот на дискусија на состанок кој се одржа меѓу претставници на Фондот за здравство осигурување и претставници на Лекарската комора, Фармацевтската комора и Стоматолошката комора.
Претставниците на медицинските комори истакнаа дека час поскоро треба да почне имплементација на законските измени кои беа донесени во октомври минатата година, а се поврзани со создавање можност шест месеци да се исплаќа 70 отсто капитација на здравствените установи и да се даваат услуга на пациентите во случај кога избраниот лекар од која било причина ја напушта ординацијата. Иако измените се на сила веќе неколку месеци, доцни нивната имплементација.
Претставниците на коморите истакнаа дека од суштинска важност е да бидат креирани услови за Законот да биде спроведен во пракса, бидејќи тоа ќе донесе бенефит како за докторите така и за пациентите.
Од претставниците на Фондот за здравствено осигурување беше истакнато дека во изминатиот период се започнати постапки за имплементација на новите законски одредби, кои вклучуваат поголеми софтверски измени во нивниот систем, но дека пресметките согласно Законот, ќе почнат да се прават од месец март. Со посебни анекси на договорите ќе треба да биде регулирано ретроградното исплаќање за периодот од стапување на законските измени во сила, до месец март.