На иницијатива на Лекарска комора донесени законски измени за дополнителна дејност
Стапија во сила измените на Законот за здравствена заштита со кои се доуредува вршењето на дополнителна дејност, што ги иницираше Лекарската комора, со цел да создаде подобри услови за работа и задржување на лекарите во здравствениот систем.
Согласно новото законско решение, специјалисти вработени во јавна здравствена установа кои вршат специјалистичко - консултативна и болничка здравствена дејност, со над две години работно искуство во специјалноста, може да укажуваат здравствени услуги како дополнителна дејност по редовното работно време и согласно со нивната лиценца за работа во јавната здравствена установа каде што се вработени или во друга јавна или приватна здравствена установа која е регистрирана за истата дејност.
Дополнителна дејност ќе може да вршат и здравствените работници вработени во приватни здравствени установи на примарно ниво на здравствена заштита со полно работно време и со над две години работно искуство во дејноста. Тие ќе може да укажуваат здравствени услуги како дополнителна дејност по редовното работно време и согласно со нивната лиценца за работа во јавна здравствена установа во обезбедување на непрекината 24-часовна итна медицинска помош и во обезбедување непрекинато вршење на здравствена дејност со работа со дежурство.
Законот ги утврдува и условите за вршење на дополнителна дејност. Здравствениот работник - специјалист вработен во јавна здравствена установа, самостојно или со тимот за дополнителна дејност, има право во текот на еден месец, секој работен ден по редовното работно време и/или во сабота и недела, во дополнителна дејност да реализира:
1) најмногу до 20% од вкупните извршени интервенции во претходните три месеци;
2) најмногу до 20% од вкупните извршени дијагностички постапки и специјалистичко-консултативни услуги во претходните три месеци;
3) најмногу до 20% од вкупните извршени специјалистичко-консултативни услуги во претходните три месеци, согласно со евиденцијата на извршени услуги во електронската листа на закажани прегледи и интервенции во интегрираниот здравствен информатички систем
За укажување на здравствените услуги, како дополнителна дејност, здравствените работници и/или тимот за дополнителна дејност, до директорот на здравствената установа во која се вработени поднесуваат писмено барање за согласност за вршење дополнителна дејност, најмалку пет дена пред извршувањето на дополнителната дејност. Директорот на здравствената установа, во рок од три дена од поднесувањето на барањето, е должен да даде согласност за укажување здравствени услуги како дополнителна дејност, доколку подносителот на барањето ги исполнил сите планирани обврски во здравствената установа во којашто е вработен.