Лекарска комора оствари средба со докторите од Куманово
Претставници на Лекарската комора остварија средба со докторите од Куманово со цел одблиску да ги запознаат со коморските активности, како и заеднички да планираат и договорат следни чекори кои Комората треба да ги преземе во согласност со потребите и барањата на лекарите. На настанот воведен збор имаше претседателката на Лекарската комора, проф. д-р Калина Гривчева Страделова. Од раководството на Комората присуствуваше и претседателот на Собранието д-р Висар Муча, како и членот на Извршен одбор д-р Дафина Караџоска.
Присутните доктори од Куманово изразија благодарност за посетата, а во дискусијата најголем интерес имаше за прашања поврзани со трансформација на примарната здравствена заштита, потребата од забрзување на процедурите што се завршуваат во Министерството за здравство, потребата да се креираат пакети на услуги за матичните лекари и да се утврдат реални цени на специјалистичките услуги.
Се дискутираше и за недостигот на лекари во градовите низ внатрешноста, што резултира со затворање на болнички оддели, како и за потребата за младите доктори останат во земјава да им се овозможат подобри услови за работа што ќе им гарантираат пристојна заработувачка и можности за професионален развој.
Проф. д-р Гривчева Старделова информираше дека овој месец стапија на сила законските измени на Законот за здравствена заштита со кои се поедноставува процедурата за доделување концесија за користење простор и опрема на тим кој работел најмалку една година во истиот простор во соодветната здравствена установа, при што првиот тим поради која било причина го прекинува користењето на просторот.
„Тоа значи дека нема да има потреба да се спроведува севкупната постапка за добивање концесија. Минатиот месец стапија на сила измените на Законот за изменување и дополнување на Законот за здравствено осигурување со кој се решава долгогодишниот проблем на приватните здравствени установи во примарната здравствена заштита што се јавува при престанок на работниот однос на матичниот лекар. Лекарската комора беше иницијатор за носење на овие измени, со цел да се обезбеди континуитет на пружањето на здравствена услуга за пациентите и финансиска стабилност на здравствените установи. Се направи и промена во протоколите за дијагностика и препишување на лекови за најчестите хронични болести, со цел да се зајакне улогата на матичните лекари, но и да се растоварат докторите во секундарно и терциерно ниво од непотребни прегледи. Сега, матичните лекари ќе може да препишуваат хронична терапија и да спроведуваат дијагностички процедури за хипертензија, дијабетес, хронична опструктивна белодробна болест, астма и хипотироидизам. За последното, потребни се уште некои допрецизирања во начинот на имплементација кои се во тек. Остануваме активно да го следиме процесот на реформи во ПЗЗ и да настојуваме да се имплементираат решенија кои ќе донесат бенефит за докторите“, истакна Гривчева Страделова.
Таа информираше и за активностите кои се организирани со здруженијата на пациентите, новинарските здруженија, Јавното обвинителство, Министерството за внатрешни работи, а се во насока на надминување на предизвиците со кои се соочуваат лекарите.
„Проблемите се големи и наталожени, но сепак се направени позитивни исчекори по некои прашања. Сметам дека на најновите законски измени треба да се даде време за да заживеат. Постојат некои предизвици во нивната имплементација, но работиме на нивно отстранување. Во целиот процес важно е и докторите да останат доследни на својата професионална работа и да покажат добра волја“, истакна проф. д-р Гривчева Старделова.
Присутните заклучија дека најголемите проблеми со кои се соочуваат лекарите се системски, а во креирање на решенија за нивно решавање и надминување е важна вклученоста на Лекарска комора. Претставниците на Комората сите прашања кои беа предмет на дискусија во најкраток временски период ќе ги постават како теми на разговор со надлежните државни институции со цел изнаоѓање на решенија.