Признание за животно дело за проф. д-р Владимир Борозанов
Поранешниот претседател на Лекарска комора, проф. д-р Владимир Борозанов, истакнат кардиолог и професор на Медицинскиот факултет во Скопје, е добитник на Признание за животно дело во областа на кардиоваскуларната медицина, како и за остварување на целите на Македонското здружение по кардиологија. Признанието му го врачи проф. д-р Марјан Бошевски, претседател на Македонското кардиолошко здружение на свечен настан организиран по повод отворање на 7 Македонски конгрес по кардиологија што се одржа во Охрид.
„Честа што денес ми ја укажавте е во насока на негување на традицијата, зошто таа е опис на нашето минато и континуитет. Името на личноста е можеби неважно. Но, многу е важен гестот и желбата да се негува сеќавањето и тоа да им се пренесува на следните генерации, затоа што заборавот ја убива вистината, ги поништува вредностите и ги релативизира знаењето и ученоста како врвни доблести на човештвото“, вели проф. д-р Борозанов.
Македонското здружение за кардиологија Признание на животно дело постхумно му врачи и на проф. д-р Лазар Србиновски, доајенот на македонската кардиологија и долгогодишен редовен професор при Медицинскиот факултет во Скопје. Признанието го подигна неговата ќерка проф. д-р Елизабета Србиновска Костовска.
Лекарската комора упатува честитки за добиените признанија.