Делегација на Лекарската комора на ЗЕВА Симпозиум во Германија
Делегација на Лекарската комора на Република Северна Македонија составена од претседателката проф. д-р Калина Гривчева Старделова, заменик-претседателот доц. д-р Беким Исмаили и претседателот на Собранието на Комората д-р Висар Муча, учествуваа на 30-от ЗЕВА Симпозиум, што во организација на Германската медицинска асоцијација и Лекарската комора на Северна Рајна се одржа во Дизелдорф, Германија од 7-9 септември 2023 година.
На Симпозиумот партиципираа докторски асоцијации и комори од земјите на Централна и Источна Европа и се дискутираше на три главни теми, основна медицинска обука и обезбедување квалитет во основањето на нови медицински факултети, улогата на комплементарната и алтернативна медицина во здравствениот систем, како и потребата од нови профили на помошен здравствен персонал.
На сите три теми претседателката на ЛК, проф. д-р Гривчева Старделова, ги презентираше состојбите во нашата земја. Таа во своето обраќање поттикна дискусија за злоупотребата на докторите во функција на лажно интернет рекламирање, појава што е присутна и во другите земји од регионот.
Во однос на продуцирањето на нов лекарски кадар претставниците на лекарските комори од Германија, Австрија и Словенија споделија позитивно искуство за активната улога која ја имаат коморите во нивните здравствени системи во планирањето на нов специјалистички кадар, во што се интензивно вклучени, за разлика од кај нас каде тоа е ингеренција на министерствата. Во однос на КАМ беше утврдено дека е потребно да се воспостави подобра организација и контрола на квалитетот на услугите во речиси сите земји.
„Имаме слични коморски системи и можеме да учиме еден од друг“, истакна д-р Рамин Парса-Парси, раководител на Одделот за меѓународни односи на Германската медицинска асоцијација на отворањето на симпозиумот.
Почесен гостин на настанот беше делегација од Украина, чии претставници ја презентираа историјата и напредокот на коморското делување во оваа земја.
ЗЕВА Симпозиумот е годишен настан на кој учествуваат претставници на коморите и докторските асоцијации од повеќе од 25 земји на Централна и Источна Европа, со цел да ја поддржуваат, промовираат и прошируваат улогата и работата на професионалните коморски асоцијации, да разменуваат искуства и мислење, како и да заземат ставови и да дадат предлози од делокруг на нивното делување, но и во функција на подобрување на здравствениот систем и обезбедување квалитетна и пристапна здравствена заштита за населението.