Лекарската комора на состанок со претставници од МЗ и ФЗО
Во следните три години – имплементација на реформата во примарна здравствена заштита
Во просториите на Лекарската комора, на 23.08.2023 година, претседателката на Лекарска комора проф. д-р Калина Гривчева Старделова и членовите на Извршниот одбор на Комората остварија средба со д-р Злате Мехмедовиќ - координатор на реформите за примарна заштита од Министерство за здравство и г. Цвете Серафимовски од Фондот за здравствено осигурување. На средбата се дискутираше за реформата во примарна здравствена заштита која опфаќа неколку сегменти и треба целосно да се имплементира постепено, во следните три години.
Реформите во системот на примарната здравствена заштита (ПЗЗ) се во насока на модернизирање и интегрирање на услугите со други области на здравствениот систем, со посебен фокус на хроничните заболувања. Со нив се врши растоварување на секундарното и терциерното здравство, преку засилување на улогата на матичните лекари, како и намалување на административните процедури за препишување на хронична терапија. Согласно започнатите реформи во примарна здравствена заштита, матичните лекари ќе може да препишуваат терапија за најчестите хронични заболувања и состојби – хипертензија, дијабетес, хронична опструктивна белодробна болест, астма и хипотироидизам.
Со Одлуката за изменување и дополнување на листата на лекови кои паѓаат на товар на Фондот за здравствено осигурување на РСМ, објавена на 23.08.2023 година во „Службен весник бр. 179“ матичните лекари ќе може да препишуваат хронична терапија.
Матичните лекари (лекарите од примарна заштита и семејна медицина), согласно петте нови протоколи, ќе дијагностицираат и одредуваат терапија, односно ќе препишуваат точно одредени лекови за најчестите хронични заболувања и состојби.
Комплетирани се пет нови клинички упатства и протоколи, засновани на меѓународни упатства и докази. За нивна имплементација е направена обука на матичните лекари низ која досега поминале околу 700 доктори.
По однос на плаќањето на новите пакет за услуги што ќе ги даваат матичните доктори беше потенцирано дека средства од буџетот за здравство се обезбедени.
Согласно предвиденото, според дефинирани критериуми, здравствените установи од примарно ниво ќе бидат потпомогнати од Министерството за здравство и со донација со нова опрема, како што се ехо, стетоскоп и сл.
Исто така, ќе биде овозможено лекарите од општа пракса да специјализација семејна медицина која ќе биде субвенционирана, а со цел пациентите да добијат што е можно повеќе здравствени услуги на едно место. Целта е да се зголеми контролата врз недијагностицираните случаи, односно повеќе да се дејствува во делот на превентивата и раното откривање на заболувањата.
Како новина со реформите во ПЗЗ е и тоа што прегледот кај матичниот лекар ќе може да се закажува он-лајн, секој индивидуално, преку “Мој термин”. Но, тоа нема да важи секаде и секогаш, односно во работата на матичните лекари со хронични пациенти и со итни случаи, ќе се остават термини за прегледи на останати пациенти.
Со новите реформи се планира и вработување на втора сестра, односно администратор во здравствените установи за чија плата, средства ќе обезбеди државата. Улогата на втората сестра, односно на администраторот ќе биде промоција на превенција во здравството, а воедно ќе се олесни работа на постоечкиот тим доктор – сестра.
На состанокот претставниците на Комората до претставниците на Фондот за здравство и од Министерството за здравство, упатија прашања и побараа дообјаснувања поврзани со примената на реформскиот дел коишто се однесуваа на новите лекови што ќе треба да ги препишуваат, на рецептите, поврзани со “Мој термин”, со казнените мерки што се преземаат од страна на Фондот, а притоа постоеле одредени недоречености во врска со прекршокот итн.
Исто така, од Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување беше појаснето дека на матичните лекари нема да има потреба да им се менуваат договорите со анекси и дека лекарите нема да ги надминат квотите за рецепти и нема да се казнуваат сè додека се придржуваат на препишување терапија, согласно протоколите.