Лекарска комора на средба со министерот Меџити: Потребни се брзи и функционални решенија
Со измените на Законот за здравствена заштита кој е во фаза на подготовка да се креираат функционални решенија за предизвиците со кои се соочува здравствениот систем, беше договорено на средбата на претседателката на Лекарска комора проф. д-р Калина Гривчева Старделова, заменик-претседателот д-р Беким Исмаили, членовите на Извршниот одбор на ЛК и новиот министер на здравство, д-р Фатмир Меџити. На средбата присуствуваше и заменик-министерката д-р Маја Манолева, директорката на Фондот за здравствено осигурување, м-р Магдалена Грашкова Филипоска, претседателот на Стоматолошката комора, д-р Марјан Денкоски, како и претставници на Фармацевтската комора.
Проф. д-р Гривчева-Стаределова истакна дека во преговорите кои досега се водеа за измените на Законот за здравствена заштита Лекарската комора даваше конструктивни предлози за унапредување на примарната здравствена заштита, како важен столб на здравствениот систем, којшто доколку биде поставен соодветно ќе придонесе за подигнување на квалитетот на здравствените услуги и на секундарно и на терцијарно здравство и ќе овозможи услови за вработување на младите лекари. Исто така, важна тема е и либерализирање на можностите за дополнителна работа на докторите, со што ќе може да се надмине проблемот со недостиг на одредени специјалности и ќе им се даде можност на докторите за поголема заработка. Проф. д-р Гривчева Старделова посочи и дека од поширок интерес е да се овозможи континуитет во вработувањата на здравствени работници во јавните здравствени установи на работни места предвиден и во систематизација, а кои остануваат непополнети поради пензионирање или заминување на докторите во друга здравствена установа.
„Оваа прилика сакам да ја искористам за да потсетам дека имаме подготвен предлог-закон за докторска дејност кој треба да овозможи баланс за заштита на правата на лекарите. Од министерот за здравство очекуваме од својата позиција да даде придонес во конечно усвојување на ова решение“, истакна Гривчева- Старделова.
Образложение за проблемите со кои се соочуваат, како и можни решенија дадоа и другите присутни, лекари како и претставници на Стоматолошката и на Фармацевтската комора и истакнаа дека неопходно е брзо носење на законските решенија, поради тоа што во некои сегменти веќе се доаѓа до критични моменти и потребна е брз, прагматичен и функционален одговор.
Министерот за здравство, д-р Меџити, истакна дека е потребно да се креираат здравствени политики што ќе бидат во интерес на здравствените работници и на пациентите, како и да се отстранат актуелните бирократските процедури што создаваат непотребни пречки во системот.
„Верувам дека имаме знаење и доколку заеднички и сплотено пристапиме кон изнаоѓање на решенија и ги искористиме позитивните примери од други држави ќе може да испорачаме добри резултати и да постигнеме поширок општествен напредок“, истакна д-р Меџити.
Во наредниот период се очекува предлог-законот да биде доставен на увид на медицинските комори, како би можело да се види што од она што досега е предложено е инкорпорирано во предлог-текстот и да се дадат дополнителни забелешки, доколку е потребно.