VOX MEDICI Тема: Ново достигнување во областа на трансплантацијата во нашата земја
Пресадувањето на црн дроб претставува голем успех за лекарите и спасување на живот за пациентите
Првата трансплантација на црн дроб од починат донор која беше направена во нашата земја минатиот месец на Клиниката за дигестивна хирургија претставува огромна придобивка за нашиот здравствен систем, за пациентите кои боледуваат од терминална болест на црниот дроб и голем успех за здравствените работници. Шеесетгодишен пациент со хронично заболување на црниот дроб доби здрав орган од пациент со мозочна смрт, чие семејство се согласи да му ги донира органите.
Националниот координатор за трансплантација доц. д-р Маја Мојсова Мијовска, во изјава за Vox Medici, вели дека процесот на подготовка за изведување на трансплантација на црн дроб не е ни малку едноставен, а на подготовките се работело подолг временски период. Паралелно се подготвувала документацијата, протоколите за трансплантација, организацијата на целокупната постапка, подготовката на листите на реципиенти и едукација на тимот во Клиничката болница „Меркур“ во Хрватска.
„Моравме да бидеме сигурни дека сме подготвени на сите полиња, а потоа да чекаме да имаме соодветен донор и реципиент. Листата на предуслови за реализацијата на трансплантација на црн дроб беше долга. Неопходна беше обука, која се реализира во Хрватска, а беа вклучени абдоминални хирурзи, анестезиолози и гастроентеролози. Лекарите ги усовршија своите вештини во процесот на селекција на реципиенти, проценка на подобност на донорот, негово менаџирање, водење на реципиентот како во текот на хируршката интервенција така и во пост-трансплантацискиот период, а се работеше и на прецизирање на хируршките стратегии. За стандардите за реализација на трансплантација на црн дроб да бидат задоволени се наметна и набавка на нова апаратура, исто така се уреди и посебен простор за лекување на реципиент, каде се исполнуваат критериум за лекување на критично болни пациенти. Неопходна беше организација и на медицинските тимови вклучени во детекција на пациент со мозочна смрт и негово одржување, потоа во процесот на експлантација и трансплантација, а исто така и лекари анестезиолози, хирурзи, гастроентеролози, трансфузиолози, медицински техничари и негователи од Клиниката за дигестивна хирургија и КАРИЛ кои се грижеа во периодот на закрепнување на реципиентот. Сето ова овозможи да се реализира трансплантацијата на црн дроб, а без да се направи прекин во згрижувањето и лекувањето на пациентите кои имаа потреба од здравствена нега во нашата болница“, истакнува доц. д-р Мојсова Мијовска.
Паралелно со ова одеше и подготовката на Листата за трансплантација на пациенти на црн дроб, обработка на податоците за пациентите и внесување во системот на „Мој термин“.
Доц. д-р Бети Тодоровска од Клиниката за гастроентерохепатологија го потенцира огромното значење на трансплантацијата на црн дроб.
„Секојдневно се соочуваме со пациенти со тешка црнодробна инсуфициенција, за кои единствен куративен метод претставува трансплантацијата на црн дроб, со што добиваат шанса за излекување и продолжување на животниот век. Она што досега го практикувавме беше упатување на пациентите за лекување во странство, но единствен услов за да се реализира сето ова беше да се најде соодветен дарител во рамките на фамилијата, кој би дарувал дел од црниот дроб на својот близок и кој има соодветна крвна група со пациентот. За жал, значаен процент од пациентите немаа соодветен дарител, со што беа оставени без можност од современ третман, како што е трансплантацијата на црн дроб. За првата трансплантација на црн дроб кај адултен пациент се подготвуваме подолг период наназад, како гастроентерохепатолошкиот тим, така и хируршкиот и анестезиолошкиот тим. Ова е историски момент за нас, со што и нашите пациенти добиваат шанса за живот, бидејќи трансплантацијата за нив претставува нова шанса за живот во буквална смисла на зборот, со оглед дека црниот дроб е непарен орган кој не може да се замени со каква било машина, а во услови на хепатална инсуфициенција, леталниот крај е многу блиску“, вели доц. д-р Тодоровска.
Идните плановите на тимот на националниот координатор за трансплантација се насочени првично кон промена во стратегијата на детекција на пациенти во кома и потенцијални пациенти со мозочна смрт, преку вклучување на големите здравствени центри како Градска болница „8 Септември”, болницата „Св. Наум Охридски “, клиничките болници во Битола, Штип, Тетово, Прилеп односно, сите болници што имаат единици за интензивно лекување со што би се зголемило и дарувањето на органи. Потоа, зацврстување и унапредување на постоечките трансплантациски програми, дополнување на листите на реципиенти за бубрези, срце и црн дроб, стандардизирање на банката за коски, развој на програмата за експлантација и трансплантација на рожница, продолжување на соработката со Република Турција и Хрватска, проекти за едукација во земјата и во странство. што би било крунисано со мултиорганска трансплантација. Статистиката покажува дека оваа година се завршува со дванаесет пациенти со докажана мозочна смрт и добиена согласност за донирање од шест семејства и при тоа се реализираа две трансплантации на срце, 12 трансплантации на бубрези, осум трансплантации на коски и лигаменти и една трансплантација на црн дроб.
Заменик-координаторот асс. д-р Биљана Андоновска, вели дека успехот на трансплантацијата се должи и на тоа што има промена во свеста за органодарителството, како кај широката популација така и меѓу здравствениот персонал. Постои општо подигнување на информираноста за состојбата на мозочна смрт, законската регулатива за дарување на органи од починат дарител, значењето на дарувањето органи, можноста да спасат или продолжат друг живот со подарениот орган.
„Интересот на студентите, специјализантите и медицинскиот персонал за критериумите и методите за докажување на мозочната смрт, одржување на донор, проценка на валидност на ткива, избор на реципиенти, секојдневно расте. Најголема движечка сила во процесот на органодарителство е секоја реализирана трансплантација. Секое кажано ДА од семејствата на донорите е поддршка за следното семејство кој го губи својот најблизок со мозочна смрт да донесе одлука за дарување на органи во моментите на најголема тага и болка. Не смее тука да се запре. За поголем успех во органодарителството, остварување на трансплантацискиот процес и приближување кон светските и европските трансплантациски системи неопходна е континуирана едукација на секој сегмент во општеството, секако со поддршка од државата, владата, министерствата, образованието и медиумите“, истакнува асс. д-р Андоновска.
Триесетина пациенти на листа за трансплантација на црн дроб годишно
Кандидати за трансплантација се пациенти со црнодробна болест од која било етиологија, кои се во терминален стадиум на болеста, потоа пациенти со акутно црнодробно попуштање, но и тие со детектиран хепатоцелуларен карцином во рамките на Миланските критериуми (поретко тие со холангиокарцином или неуроендокрин карцином).
„Но секако, кога говориме за кадаверична трансплантација, не можам а да не ја споменам потребата од органодарителство. Само со подигнување на свеста за дарување на органи, со зголемување на бројот на лица кои ќе дадат согласност за дарување на своите органи по смртта и со зголемување на бројот на членови од фамилија кои ќе го потврдат сето тоа, можеме да размислуваме за поголем број на извршени трансплантации за кој било орган и за поголем број спасени животи, независно за која болест станува збор. Бројот на пациенти кои имаат потреба од трансплантација на црн дроб не може прецизно да се дефинира, со оглед на тоа што се работи за променлива категорија но, сепак, речиси триесетина пациенти се ставаат на нашата листа за трансплантација на годишно ниво“, вели доц. д-р Тодоровска.
Во процесот на подготовка на пациентот за трансплантација клучен е моментот кога ќе се индицира трансплантацијата и како ќе се води пациентот потоа. Постојат скорови кои се употребуваат за категоризација на пациентите во групи со ризик од летален исход.
„Најдобро е пациентите да бидат навремено дијагностицирани и соодветно водени од страна на гастроентерохепатолозите, за да може и навремено да бидат подготвени за трансплантација и ставена на листа за трансплантација. За жал, имаме и не така мал број на пациенти кои доаѓаат за првпат на нашата Клиника во многу тешка состојба, кога се присутни многубројни компликации на црнодрбната болест и кога шансите за успешен третман на овие пациенти се многу мали. Во тие услови, едноставно времето е кратко за да се направат сите потребни иследувања кои припаѓаат во рамките на подготовката за трансплантација, вклучително кардиолошко, пулмолошко, инфектолошко, трансфузиолошко иследување, како и бројни imaging методи за визуелизација на органите, со посебен осврт на црниот дроб и неговите васкуларни структури“, порачува доц. д-р Тодоровска.