VOX MEDICI Разговор
Не постои правна, туку морална обврска да се следи ICoME
Меѓународниот кодекс на медицинската етика (ICoME), ревидиран, е донесен на 73 -то Генерално собрание на Светската медицинска асоцијација коешто се одржа во Берлин, во октомври годинава.
Разговорот го водиме со д-р Рамин Парса-Парси од Германската медицинска асоцијација кој е еден од најгласните промотори на етиката како канон на етички принципи за медицинската професија ширум светот.
Светската медицинска асоцијација (WMA) го објави Меѓународниот кодекс на медицинска етика (ICoME). Можете ли да ни дадете информации за неговото прво издание како и за причините за ревизија?
Од неговото донесување во 1949 година, Меѓународниот кодекс на медицинска етика, пред најновата ревизија, беше изменет само трипати, и тоа во 1968 г. (Сиднеј), 1983 г. (Венеција), 2006 г. (Пиланесберг).
Сите документи на Светската медицинска асоцијација (WMA), обично се прегледуваат и анализираат на секои десет години и се ревидираат доколку е потребно. Во 2018 година, Советот на Светската медицинска асоцијација инсистираше да се формира меѓународна работна група за да го разгледа Меѓународниот кодекс и да утврди дали е неопходна ревизија и, доколку е потребна, до кој степен е неопходно неговото ревидирање.
За кого е наменет Меѓународниот кодекс на медицинска етика (докторите кои се занимаваат со наука и образование во медицината или оние кои работат со пациенти)?
Во согласност со мандатот на WMA, Кодексот е упатен до лекарите. Но, WMA ги охрабрува сите кои се вклучени во здравствената заштита да ги усвојат овие етички принципи. Меѓународниот кодекс е упатен до сите доктори. Тој особено е релевантен за клиничките докторите, за оние кои се вклучени во односите пациент - лекар. Кодексот ги дефинира и ги разјаснува професионалните должности на лекарите кон нивните пациенти, но ги наведува и нивните должности кон другите доктори, кон здравствени работници и соработници, кон самите себе и општеството како целина, па оттука е релевантен и за докторите кои работат во науката и образованието.
Дали Меѓународниот кодекс на медицинска етика е обврзувачки? (Дали одлучувачките структури и комисии во коморите и асоцијациите на земјите членки на Светската медицинска асоцијација се обврзани да донесуваат одлуки во согласност со прописите дадени во Меѓународниот кодекс за медицинска етика?)
Меѓународниот кодекс на медицинска етика е канон на етички принципи за членовите на медицинската професија ширум светот и е развиен од лекарите за лекарите. Докторите имаат морална обврска да ги следат принципите на Кодексот, особено оние чии национални медицински комори и здруженија се членови на Светската медицинска асоцијација. Сепак, Меѓународниот кодекс на медицинска етика не е правен документ. Освен, доколку не е имплементиран во националните професионални кодекси на однесување или имплементиран во законски рамки на една од земјите. Но, не постои правна, туку морална обврска да се следи.
Меѓународниот кодекс на медицинска етика, исто така, ги обврзува докторите да бидат свесни за важечките национални етички, правни и регулаторни норми и стандарди, како и за релевантните меѓународни норми и стандарди.
Светската медицинска асоцијација е глобална федерација на национални медицински асоцијации. Нејзините политики се однесуваат на сите доктори ширум светот, а особено на оние кои се членови на WMA. Повеќето национални медицински организации имаат свои етички кодекси. Некои се засноваат на Меѓународниот кодекс или, пак, го вклучиле или упатиле на него во содржината. Идеално би било кога националните медицински етички кодекси би биле целосно компатибилни со Меѓународниот кодекс на медицинската етика.
Светската медицинска асоцијација нема законско овластување да иницира дејствија против индивидуалци доктори кои не се придржуваат на Кодексот. Сепак, важно е да се напомене дека WMA има легитимитет да реагира на политиките или на дејствијата на кои и да било од асоцијациите кои се членки на WMA или на нивните членови - доктори кои го прекршуваат Кодексот.
Дали индивидуалните етички кодекси на асоцијациите кои се членки на Светската медицинска асоцијација се синхронизирани со Меѓународниот кодекс на медицинска етика?
Многу национални асоцијации членки на WMA го користат Меѓународниот кодекс на медицинската етика како основа за нивните сопствени кодекси или како точка за споредба. Синхронизацијата на медицинските кодекси се разликува од земја до земја. Асоцијациите членки се охрабруваат секогаш да ги усогласуваат нивните национални кодекси со ICoME за да обезбедат целосна компатибилност.