Одбележување на 14 Ноември, Светскиот ден за борба со дијабет
Проф. д-р Гривчева Старделова на симпозиум во ЈЗУ „8 -ми Септемрви“
Претседателката на Лекарската комора на Република Северна Македонија проф. д-р Калина Гривчева Старделова присуствуваше на симпозиумот организиран од ЈЗУ „8-ми Септември“ по повод одбележување на 14 Ноември, Светскиот ден за борба со дијабетесот.
Во своето поздравно обраќање проф. д-р Гривчева Старделова истакна дека бројот на заболени од дијабет е во постојан пораст, како и број на пациенти кои живеат со компликации од ова заболување.
„Сите ние како професионалци секојдневно се соочуваме со сериозните компликациите кои ова заболување ги предизвикува кај пациентите и верувам дека од овие наши дискусии во кои разменуваме искуства може да произлезат многу решенија кои ќе ја направат поефикасна нашата секојдневна лекарска пракса и ќе го подобар квалитетот на лекувањето и на живот на пациентите со дијабетес. Дијабетесот е глобален предизвик за јавното здравје, епидемија која го вклучува алармот и повикува на колективна и индивидуална акција за справување и намалување на штетните последици. Кога размислуваме за тоа што може да се направи за да се подобрат состојбите тргнуваме од овогодинешната тема на светкиот ден „пристап до образование за дијабетес“, која ја поткрепува темата за 2021-2023 година „пристап до грижа“. Добрата здравствена едукација со која може да се превенира, односно да ги намалат дел од факторите на ризик, особено прекумерната телесна тежина и недоволната физичка активност, е наша обврска спрема пациентите“, истакна проф. д-р Гривчева Старделова.
Воведно обраќање на настанот имаше и директорот на болницата „8-ми Септември“ д-р Христијан Костов, по што поголем број на специјалисти, супспецијалисти и доценти одржаа свои предавања, врз основ на долгодишното искуство на превенција и третман на различни аспекти на дијабетесот. Доц. д-р. Танер Хасан говореше за искуствата и идните перспективи на Центарот за дијабетес во болницата „8-ми Септември“, спец. д-р. Радмила Милошевска зборуваше на тема „Дијабетес-предизвик на 21 век“, а современиот тераписки пристап во третманот на дијабетес мелитус тип 2 го претстави спец. д-р Наташа Недеска Минова. Супспец. д-р. Даниела Донева зборуваше за тeраписки цели и тераписка инерција кај Дијабетес мелитус тип 2, а осврт кон современ пристап и третман на кардиоваскуларните компликации на дијабетесот даде мр.сци. д-р Антонио Антовски. Дијабетичната периферна невропатија беше тема на предавањето на доц. д-р. Даниела Ристич Стомнароска, а за дијабетична ретинопатија зборуваше доц. д-р. Галина Димитрова. Симпозиумот го заокружија доц. д-р. Наташа Отовиќ која се осврна на менаџирање на дијабетичната бубрежна болест и супспец. д-р. Јасмина Степаноска која даде преглед на проблемите со менталното здравје кај дијабетес.
Центарот за дијабетес при ЈЗУ ГОБ "8ми септември" каде годишно се лекуваат од 3.000 до 4.000 пациенти е отворен во 2011 година. Важно е да се истакне дека во овој центар се применува тимски мултидисциплинарен пристап во менаџирањето на дијабетесот. Интердисциплинарната нега овозможува покрај ендокринолошкото следење, пациентите да се под редовни кардиолошки, нефролошки, офталмолошки, невролошки надзор и да добиваат психолошка и психијатриска поддршка, што дава најдобрите резултати за превенција и навремено третирање на компликациите, а со тоа и најдобар исход во лекувањето.