Продолжуваат преговорите за измени на Законот за здравствена заштита
Во просториите на Лекарска комора на РСМ се одржа нова средба во рамките на преговорите кои се водат со Министерството за здравство со фокус на подготовка на измени на Законот за здравствена заштита што треба да придонесат за надминување на актуелните предизвици со кои се соочуваат здравствените работници и здравствениот систем. На средбата присуствуваа претседателката на Лекарска комора проф. д-р Калина Гривчева Старделова, претседателот на Стоматолошката комора д-р Марјан Денковски, претседателката на Фармацевската комора дипл. фарм. спец. Весна Ставрова, претставници на органите на коморите и министерот за здравство Беким Сали и претставници на Фондот за здравствено осигурување.
Во разговорите продолжи дискусијата по барањата доставени од коморите при што беше постигнат напредок со приближување на ставовите за повеќе важни точки, а за дел се утврди дека е потребно да се направат дополнителни анализи.
Преговорите продолжуваат во наредниот период со цел изнаоѓање на решенија кои се прифатливи за сите засегнати страни.