Лекарска комора на Генералното собрание на Светската медицинска асоцијација
Претседателката на Лекарската комора на РСМ проф. д-р Калина Гривчева Старделова и членот на Извршен Одбор д-р Илбер Бесими присуствуваат на Генералното собрание на Светската медицинска асоцијација во чии рамки се одржува и свечена церемонија по повод одбележување на 75 годишнината од постоењето на Германската лекарска асоцијација. Присуството на претставниците на ЛК е на посебна покана упатена од претседателот на Германската лекарска асоцијација.
„Секој кој има идеи ќе биде слушнат. Во 75-те години од своето постоење, Германската лекарска асоцијација постојано имаше конструктивни предлози за обезбедување и развој на висококвалитетна здравствена заштита ориентирана кон пациентите. Преку отворање на дебата за креирање на законската регулатива ние лекарите создаваме етичка, економска и културна додадена вредност за општеството што ја надминува нашата сопствена професионална работа“, истакна Klaus Reinhardt, претседател на Германската лекарска асоцијација на одбележување на годишнината.
На настанот говор имаше и prof. Dr. Alena Buyx, претседателка на Советот за етика на ГЛЗ, како и dr. Heidi Stensmyren, претседател на Светската медицинска асоцијација.
Покрај Свечена седница на Собранието на Светската медицинска асоцијација се одржува и научна сесија на тема „Медицинската етика во глобализираниот свет“. Главни говорници на научната сесија ќе бидат Prof. Tom L. Beauchamp, професор по филозофија на Универзитетот Џорџтаун, САД и Prof. James F. Childress, почесен професор по етика и религиозни студии на Универзитетот во Вирџинија, САД.
На свечената сесија Dr. Osahon Enabulele, поранешен претседател на Нигериската медицинска асоцијација, ќе биде именуван за претседател на Светската медицинска асоцијација за 2022-23 година.
Главен говорник на Генералното собрание кое ќе се одржи на 08.10.2022 година ќе биде Dr. Chikwe Ihekweazu, од Центарот за пандемиско и епидемиско разузнавање на Светската здравствена организација. На Собранието ќе се дискутира и за предложени измени на Меѓународниот кодекс за лекарска етика како и за други теми кои вклучуваат здравствена дискриминација на старите лица, расизам во медицината и раст на активностите за телездравство и дигитална здравствена заштита.