Одржан 29-от ЗЕВА Симпозиум
Лекарска комора на ЗЕВА Симпозиум во Дубровник
Претседателката на Лекарската комора, проф. д-р Калина Гривчева Старделова и потпретседателите за секундарна и терциерна здравствена заштита, д-р Маја Манолева и д-р Алберт Леши, учествуваа на 29-от ЗЕВА Симпозиум, кој се одржа во организација на Хрватската лекарска комора во Дубровник. На Симпозиумот учествуваа докторските асоцијации и комори од земјите на Централна и Источна Европа и се дискутираше на две теми, дисциплинските постапки кои ги водат професионалните здруженија и за правото на лекарите за повикување на приговор на совеста како причина за неизвршување на одредена медицинска процедура или интервенција.
Во однос на првата тема, проф. д-р Гривчева Старделова истакна дека во нашата земја пријава до Обвинителот на Комората за поведување на постапка пред Судот на честа можат да поднесат државните органи (Министерство за здравство, ФЗОРСМ), директорите на здравствените установи, секој член на Комората и оштетениот. Во Комората има Обвинителство составено од еден Обвинител и двајца заменици обвинители. Обвинителот на Комората и неговите заменици ги избира Собранието од редот на членовите на Комората кои имаат работно искуство од најмалку 5 (пет) години специјалистички стаж и кои имаат углед во средината во која работат и живеат. Обвинителот на Комората и неговите заменици се самостојни и независни во својата работа и имаат право и должност да поведуваат постапка против член на Комората за кој постои основано сомневање дека го повредил Законот, Статутот или Кодексот на медицинската деонтологија, односно го поднесуваат и застапуваат обвинението.
Судот на честа е независен орган на Комората кој на барање од Обвинителот на Комората, согласно Статутот и актите на Комората расправа и одлучува за одговорноста на обвинетиот за сторена повреда од етичка, деонтолошка и професионална гледна точка, за повреди на Статутот и Кодексот на медицинската етика и деонтологија или за непочитување на одлуките и актите на Комората. Во случај на утврдена сторена повреда Судот на честа ги изрекува следните мерки кои се евидентираат во досието на сторителот на повредата: опомена, јавна опомена, парична казна, забрана за учество во работата на органите на Комората или времено или трајно одземање на лиценца.
Проф. д-р Гривчева Старделова имаше обраќање и во однос на втората тема во кое презентираше дека правото на приговор на совеста е регулирано во член 155 од Законот за здравствена заштита, каде е наведено дека здравствениот работник, заради своите етички или морални ставови или заради своето уверување, може да одбие да изврши некоја здравствена услуга, ако тоа не е во согласност со неговата совест. Здравствениот работник при склучување на договорот за вработување е должен за својот приговор на совеста да го извести работодавачот, кој е должен тоа да го земе предвид и на пациентите да им ја обезбеди здравствената услуга. Кога здравствениот работник е единствен носител на здравствената дејност, тој е должен пациентот да го упати во друга здравствена установа која ќе му ја обезбеди здравствената услуга. Здравствениот работник не смее да го остварува правото на приговор на совеста во рамките на обезбедување на итната медицинска помош.
„Може да се заклучи дека во правната регулатива во нашата земја постојат општи начела околу правото на приговор на совеста на лекарите, но тие треба да бидат дополнително уредени за да имаат подобра примена во праксата. Во однос на праксата може да се каже дека не постои некое поголемо искуство, поради што и не би можеле да се извлечат некои генерални заклучоци. Поединечните случаи кои се јавувале во извршување на медицинската дејност вообичаено се регулирале преку соработка меѓу колегите доктори. Комората смета дека треба да постои избор на лекарот, како што е регулирано во Законот за здравствена заштита, здравствениот работник да може да одбие да изврши некоја здравствена услуга, ако тоа не е во согласност со неговата совест. Лекарите имаат право да имаат свои лични верувања и вредности, на ист начин како и секој друг член на општеството. Приговорот на совеста треба да се заснова на искрени верувања и морални грижи, а не на личен интерес или дискриминација. Затоа, лекарите можат да бараат приговор на совеста само под услов тој да е законски, недискриминаторски, да не им нанесува штета на пациентите и да не се оневозможи пристапот до соодветен медицински третман или услуги. Лекарската комора смета дека не треба да има непотребно ограничување на лекарите, туку дека треба да постои баланс меѓу нивната слобода и правото на пациентите да добијат соодветен третман“, истакна проф. д-р Гривчева Старделова.
Доколку правото на приговор на совеста е регулирано со соодветни правни акти и процедури тоа не би требало да биде причина за дискриминација на пациентите. „Самите основи за повикување на ова право не треба да дозволат разлики поради возраст, пол, националност, раса, политичка припадност, сексуaлна ориентација, хендикепираност и општествено - економска положба. Треба да е јасно дефинирано дека приговорот на совеста се однесува на одреден медицински третман или процедура, а не на специфичните карактеристики на пациентот“, “, истакна проф. д-р Гривчева Старделова.
ЗЕВА Симпозиумот се одржува секоја година, учествуваат претставници на коморите и докторските асоцијации од повеќе од 25 земји на Централна и Источна Европа со цел да ја поддржуваат, промовираат и прошируваат улогата и работата професионалните коморски асоцијации, да разменуваат искуства и мислење, како и да заземат ставови и да дадат предлози од делокруг на нивното делување, но и во функција на подобрување на здравствениот систем и обезбедување квалитетна и пристапна здравствена заштита за населението.