Заклучоци од седница на Владата за барањата на ЛК за унапредување на примарната здравствена заштита
Лекарската комора на РСМ информира дека на 75-тата седница на Владата на Република Северна Македонија се разгледани барањата за унапредување на примарната здравствена заштита, кои од страна на Лекарската Комора беа доставени до Министерството за здравство и до Владата на РСМ. На оваа седница усвоени се 18 заклучоци во кои меѓу другото се укажува на Фондот за здравствено осигурување да ги направи потребните финансиски и правни анализи и во одреден рок да достави информација до Владата.
Со заклучоците, за кои Лекарска комора е информирана преку официјален допис, е опфатено зголемувањето на капитацискиот бод (75 денари за избраните лекари и 61 денар за избраните стоматолози), унапредување на системот на е-упат и е-Рецепт за лекови од листата на товар на Фондот, ревидирање на состојбата поврзана со специјалистичките договори по интерна медицина, ревидирање и оптимизирање на политиката за стимулација на млади лекари, ревизија на режимот на препишување на одредени лекови и друго. Исто така, се препорачува на Медицинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј - Скопје - катедра по семејна медицина, а во соработка со Лекарската комора, во рок од четири месеци да изготви предлози за зголемување на ингеренциите на специјалистите по семејна медицина кои работат како избрани лекари.